Украинскиот претседател на својот канал на Телеграм објави видео во кое предупреди дека руските сили ќе се обидат да упаднат во Киев во наредните часови
Во драматично видео-обраќање до своите сограѓани доцна вечерва, украинскиот претседател Володимир Зеленски предупреди дека руските сили ќе упаднат во Киев во наредните часови.
„Оваа ноќ ќе биде тешка, многу тешка, но ќе дојде утро“,
рече тој.
„Оваа ноќ непријателот ќе ги користи сите расположливи средства за да го скрши нашиот отпор. Оваа ноќ тие ќе извршат напад. Оваа ноќ мора да истраеме. Судбината на Украина се решава токму сега“,
рече Зеленски во видеото кое го објави на својот канал на Телеграм.
Претседателот ја истакна и херојската борба на вооружените сили и ги повика цивилите да бидат внимателни.
Зеленски зборуваше за неговите разговори со светските лидери. Тој се заблагодари на народот на Грузија за поддршката.
Претседателот изјави дека гранатирањето градинки и станбени населби во украинските градови од страна на руските сили не може да се оправда.
Пред еден час, портпаролот на украинскиот претседател Зеленски изјави дека земјата е подготвена веднаш да преговара за прекин на огнот и да почне мировни преговори со Русија.
Тој рече дека руските и украинските власти во моментов разговараат за времето и местото каде разговорите би се одржале.