Според него, Украина ќе направи сè за да биде технички подготвена за членство во 2027 година и земјата ќе ги исполни најмалку главните чекори кон членството
Украинскиот претседател Володимир Зеленски повика мировниот договор да содржи конкретен датум за влез на Украина во Европската Унија бидејќи во спротивно, Русија, преку своите претставници, ќе се обиде да го забави овој процес.

„Сакам конкретен датум. Ве уверувам, ако нема датум во договорот потпишан од Америка, Русија подоцна ќе направи сè за да го блокира процесот – индиректно, преку одредени европски претставници, наместо да дејствува сама“,
рече Зеленски.
Според него, членството во ЕУ претставува безбедносна гаранција за Украина, нагласувајќи ја потребата од конкретни детали со фиксна временска рамка.
Украинскиот претседател вели дека Украина ќе направи сè за да биде технички подготвена за членство во 2027 година и оти земјата ќе ги исполни најмалку главните чекори кон членството.
„Барем ќе ги направиме главните работи“,
кажа тој.
Инаку, Зеленски притискаше за пристапување во ЕУ во 2027 година уште на крајот на јануари, и покрај скептицизмот на некои европски земји.
Уште тогаш посочи дека членството на Украина во ЕУ би било една од клучните безбедносни гаранции, не само за Киев, туку и за цела Европа.
