Украинскиот претседател, на прес-конференција во Анкара, изјави и дека американскиот претседател, Доналд Трамп извршил поголем притисок врз Украина отколку врз Русија откако ја презеде претседателската функција
Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, на прес-конференција во Анкара попладнево изјави дека Киев ќе испрати делегација на разговори со руските претставници, но посочи дека од укринска гледна точка, Русија покажала несериозност во врска со мировните преговори, пренесе „Гардијан“.

Делегацијата на Украина на разговорите во Истанбул ќе ја предводи министерот за одбрана на земјата, Рустем Умеров, а нејзиниот мандат, како што кажа Зеленски, е да разговара за прекин на огнот.
На прес-конференцијата, која траеше околу еден час, украинскиот претседател изјави и дека средбата со рускиот претседател, Владимир Путин, што ја предложи тој нема воопшто да биде потребна доколку се постигне договор за прекин на огнот меѓу двете земји на, како што ги нарече, техничките разговори во Истанбул.
Зеленски, во таа насока, наведе и дека доколку Москва не покаже никаква подготвеност да се вклучи во разговорите за прекин на огнот тогаш другите нации треба да извршат поголем политички и економски притисок врз Русија и да воведат дополнителни санкции.
„Русија не чувствува дека треба да ја заврши (војната), што значи дека нема доволно политички, економски и друг притисок врз Руската Федерација. И затоа бараме, ако нема прекин на огнот, ако нема сериозни одлуки… бараме соодветни санкции“,
рече тој.
Зеленски изјави и дека американскиот претседател Доналд Трамп извршил поголем притисок врз Украина отколку врз Русија откако ја презеде претседателската функција.
„Луѓето доаѓаат во дипломатијата… за да избегнат ќорсокак, па затоа мора да се преземат чекори што ќе доведат до мир. Мора да се изврши притисок врз страната што не сака да се стави крај на војната. Ставот на Турција и САД, видовте дека претседателот Трамп сметаше дека ќе помогне да се изврши притисок врз двете страни – мислам дека тие нè притиснаа повеќе отколку Русите. Украина се бори за себе. Не сме подготвени да ги изгубиме нашите животи и земја. Тоа не значи дека сме агресори“,
рече Зеленски.
Тој продолжи велејќи дека Украина има „предуслови“ пред преговорите со Русија,
„Имаме многу предуслови за агресорите и ако Америка ги направи тие чекори… ние се согласивме со тие чекори и не само тие чекори, имаше многу дипломатски чекори“,
рече украинскиот претседател.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски вели дека турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган верува дека војната во Украина мора да заврши со „директни преговори“ меѓу двете страни.
Рускиот претседател Владимир Путин нема да оди на преговорите во Истанбул, а делегацијата на Москва ќе ја предводи неговиот советник Владимир Медински, а со него ќе бидат присутни и заменик-министерот за надворешни работи Михаил Галужин и заменик-министерот за одбрана Александар Фомин.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски објави дека неговата делегација активно се подготвува за посета на Турција, каде што ќе се сретне со претседателот Ердоган. Тој јасно стави до знаење дека ќе присуствува на преговорите само како лично дојде и Путин.
Американската страна објави дека во нивната делегација ќе бидат државниот секретар Марко Рубио и специјалните пратеници Стив Виткоф и Кит Келог. Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека би можел да оди во Истанбул утре, доколку има напредок во денешните мировни преговори.