Тој додаде дека руските напади постојано се развиваат и користеле комбинација од оружје, вклучувајќи беспилотни летала и ракети, што бара специјална одбрана и поддршка од партнерите на Украина
Разузнавачките информации покажуваат дека Русија подготвува нови напади врз енергетски цели, изјави денеска украинскиот претседател Володимир Зеленски, предупредувајќи дека таквите напади ќе го отежнат постигнувањето договор за прекин на речиси четиригодишната војна. Неговата изјава доаѓа пред третиот круг мировни преговори во Женева што започнуваат утре со посредство на САД, објави Ројтерс.

„Разузнавачките извештаи покажуваат дека Русија подготвува понатамошни масовни напади врз енергетската инфраструктура, па затоа мора да се осигураме дека сите системи за воздушна одбрана се правилно распоредени“,
рече Зеленски во видео обраќање.
Тој додаде дека руските напади постојано се развиваат и користеле комбинација од оружје, вклучувајќи беспилотни летала и ракети, што бара специјална одбрана и поддршка од партнерите на Украина.
„Русија не може да одолее на искушението да им нанесе болен удар на Украинците во последните денови од зимата. Партнерите мора да го разберат ова. Ова се однесува пред сè на САД“,
рече Зеленски.
Украински, руски и американски делегации се собираат во швајцарскиот град на третата рунда преговори, кои за првпат ќе се фокусираат на најчувствителното прашање од војната – судбината на украинската територија окупирана од Русија.
Шефот на украинската делегација Рустем Умеров, објави на Телеграм дека неговиот тим веќе пристигнал во Женева и дека се надева на конструктивна работа и значајни состаноци за безбедносни и хуманитарни прашања.
Москва бара Украина да го предаде целиот регион Донбас. Кремљ потврди дека руската делегација ќе ја предводи Владимир Медински, помошник на претседателот Владимир Путин.
„Овој пат имаме намера да разговараме за поширок спектар на прашања, вклучувајќи ги и клучните. А клучните прашања се однесуваат на територијата и сите наши други барања“,
изјави портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков.
Двете претходни рунди разговори со посредство на САД беа одржани во Обединетите Арапски Емирати и резултираа со размена на затвореници, но без значаен напредок кон конечен договор.
