„Нашите разузнавачки информации известуваат дека Русија подготвува нови масовни напади. Отворено им зборуваме на нашите партнери – и за ракетите за воздушна одбрана и за системите што ни се толку потребни. Залихите се недоволни. Се обидуваме да ги забрзаме работите и клучно е нашите партнери да нè слушнат“, вели украинскиот претседател

Украинскиот претседател Володимир Зеленски вели дека Русија подготвува нови масовни напади врз Украина. Зеленски изјавите ги дава врз основа на најновите украински разузнавачки податоци.
Тој додава дека им се доделени посебни задачи на единиците за воздушна одбрана и на војската.
„Нашите разузнавачки информации известуваат дека Русија подготвува нови масовни напади. Отворено им зборуваме на нашите партнери – и за ракетите за воздушна одбрана и за системите што ни се толку потребни. Залихите се недоволни. Се обидуваме да ги забрзаме работите и клучно е нашите партнери да нè слушнат“,
вели Зеленски во објава на социјалните мрежи.
Според него, сега се прави многу на ниво на Министерството за одбрана на Украина.
Тој апелира до државјаните на Украина да бидат внимателни и да ги слушаат предупредувањата за воздушни напади.
Зеленски вели дека Министерството за внатрешни работи го проширува бројот на точки на непобедливост.
„Владата работи со енергетски компании и партнери за да обезбеди повеќе опрема и повеќе резерви. Но, клучот е светот да не молчи за ова. Војните не завршуваат без притисок. И токму затоа што притисокот е недоволен, Русите го прават сето ова. Мора да го промениме ова. Им благодарам на сите што работат за Украина. Им благодарам на сите што се во борба, на своите позиции, на должност и на своите места. Украина стои цврсто благодарение на вашата ефикасност“,
додава Зеленски.
Украинскиот претседател во вчерашното обраќање до нацијата, изјави дека Киев не е и нема да биде пречка за мирот.
Неговата изјава уследи откако американскиот претседател Доналд Трамп вчера наведе дека Украина, а не Русија го забавува евентуалното склучување мировен договор.
Трамп за Ројтерс изјави дека рускиот претседател Владимир Путин е подготвен да ја заврши својата речиси четиригодишна инвазија на Украина, додека за Зеленски рече дека бил повоздржан.
