Зеленски посочи дека главни теми со кои сака да разговара со Трамп е дали САД планираат да ја прекинат воената помош за Украина, а ако тоа се случи, дали Киев ќе може да купува оружје директно од САД
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, денеска изјави дека е подготвен рамковниот економски договор со САД, но оти сè уште не е одлучено за безбедносните гаранции за Киев.
„Рамковниот договор е прв чекор кон сеопфатен договор, кој треба да го ратификува украинскиот парламент. Тоа е само почеток, тоа е само рамковен договор. Тоа може да биде голем успех, а може едноставно и да исчезне“, истакна Зеленски.
Тој додаде дека тоа ќе зависи од разговорот со американскиот претседател Доналд Трамп. Предвидено е на 28 февруари (петок) Зеленски да има средба со Трамп во Вашингтон.
Зеленски посочи дека главни теми со кои сака да разговара со Трамп е дали САД планираат да ја прекинат воената помош за Украина, а ако тоа се случи, дали Киев ќе може да купува оружје директно од САД. Тој истакна и дека сака да знае дали Украина може да ги користи замрзнатите руски средства за инвестиции во оружје и дали Вашингтон планира да ги укине санкциите кон Русија.
Претходно, украинскиот премиер Денис Шмихал потврди дека Украина и САД постигнале прелиминарен договор за широк економски договор, кој вклучува американски пристап до украинските ретки минерали.
„По неколкудневни преговори, Украина и САД ќе потпишат прелиминарен договор, но деталите од целосниот договор, вклучително и американските безбедносни гаранции, кои украинските власти ги сметаат за клучни, сè уште треба да се договорат“, наведе Шмихал.
Зеленски досега одбиваше да потпише два нацрт-договори предложени од администрацијата на Трамп, велејќи дека условите, кои вклучуваа откажување на Киев од приходите од минерали, нафта и гас, плус заработка од пристаништата и друга инфраструктура во износ од 500 милијарди долари – се премногу сурови.