Во интервју за американската телевизија Фокс њуз, Зеленски порача дека Украина нема намера да ја ескалира војната, туку да ја засили својата одбрана
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека евентуалната испорака на американските крстосувачки ракети „Томахавк“ ќе биде насочена исклучиво кон воени цели во Русија, а не кон цивилни објекти. Во интервју за американската телевизија Фокс њуз, Зеленски порача дека Украина нема намера да ја ескалира војната, туку да ја засили својата одбрана.
„Доколку ги добиеме ракетите Томахавк, тие ќе се користат само за уништување на воени цели – бази, складишта и позиции од кои Русија напаѓа украински градови“,
кажа Зеленски.
Изјавата на Зеленски доаѓа во момент кога американскиот претседател Доналд Трамп сè уште размислува дали да се согласи на испораката на овие ракети на Киев. Трамп претходно рече дека сака да биде сигурен дека ваквиот потег нема да доведе до нова ескалација на конфликтот.
Ракетите „Томахавк“ имаат дострел до 2 500 километри, што би ѝ овозможило на Украина да погодува цели длабоко во руската територија, вклучително и во близина на Москва. Од Кремљ реагираа со загриженост на можноста за ваква испорака, оценувајќи дека конфликтот влегува во драматична фаза со засилување на тензиите од сите страни.
Инаку, откако Русија само во текот на изминатата недела изврши над 4 000 воздушни напади врз Украина, претседателот Володимир Зеленски побара реакција од меѓународната заедница. Тој на социјалната мрежа Икс напиша оти Москва го користи моментот за интензивирање на нападите врз Украина, оти вниманието на светот е насочено кон спроведувањето на мировниот договор во Појасот Газа помеѓу Израел и движењето Хамас и побара санкциите, царинските мерки и заедничките акции против купувачите на руска нафта кои според него ја финансираат војната да останат во сила.