Украинскиот претседател рече оти претходната администрација на чело со тогашниот министер за одбрана Лојд Остин ветила 20 000 ракети за Украина кои сегашната администрација на Трамп ги префрлила на Блискиот Исток
20 000 ракети кои би се бореле против беспилотните летала „Шахед“ кои и биле ветени на Украина се префрлени на Блискиот Исток, тврди украинскиот претседател Володомир Зеленски во интервју за Еј-Би-Си Њуз. Тој вели дека претходната американска администрација на чело со тогашниот министер за одбрана Лојд Остин се обврзала оти ќе им ги испорача потребните ракети, а утринава, Зеленски од страна на неговиот министер за одбрана бил информиран дека овие ракети завршиле на Блискот Исток.
„За време на претходната администрација, беше министерот за одбрана Остин, и ние се одлучивме за еден проект. Сметавме на овој проект – 20 000 ракети за борба против „Шахед“. Утрово, мојот министер за одбрана ми рече дека САД ги префрлиле на Блискиот Исток“,
рече Зеленски.
Утринава, Украина изврши серија напади насочени кон Москва и околните региони со беспилотни летала, по што беа затворени двата главни аеродроми во Москва. Руските единици за воздушна одбрана почнале да пресретнуваат беспилотни летала што летаат кон Москва кратко по 4 часот наутро.
Нападите ги принудиле властите привремено да ги затворат московските аеродроми „Внуково“ и „Домодедово“ – два од најпрометните во градот. Операциите, како што пишува „Киев индипендент“, наводно, биле прекинати околу 6:53 часот наутро по локално време, што го нарушило патничкиот сообраќај и предизвикало одложувања.
Руското Министерство за одбрана тврди дека 61 украинско беспилотно летало било лансирано вечерта помеѓу 7 и 8 јуни, а кои биле насочени кон руска територија и окупираниот Крим.
Министерството соопшти дека беспилотни летала биле пресретнати над Москва и нејзините предградија, како и во областите Брјанск, Белгород, Калуга, Тула, Орјол и Курск.
Еден дрон предизвикал краткотраен пожар во хемиската фабрика „Азот“ во Тулската област, при што се повредени најмалку две лица.
Седум други украински дронови биле соборени над Калушка област, соопштија локалните власти.
Украинската војска сè уште не го коментирала нападот, а „Киев индепендент“ пишува дека не може да ги потврди информациите дадени од руските официјални лица.
Киев ги засили нападите со беспилотни летала на долг дострел против Русија во последните месеци, особено кон Москва и клучната воена инфраструктура. Иако повеќето беспилотни летала се пресретнуваат пред да стигнат до главниот град, заканата предизвика повторени прекини во цивилниот воздушен сообраќај.