Во синоќешното видеообраќање до нацијата, украинскиот претседател додаде и дека тие стотици илјади Руси кои во моментов убиваат на украинска територија сигурно би биле доволни, како што вели, за да се спречат сите терористи
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во синоќешното видеообраќање го нарече „мизерен“ шефот на Руската Федерација, Владимир Путин, оценувајќи дека по нападот во Москва во петокот Путин молчел цел ден, а на нацијата ѝ се обратил дури во саботата, бидејќи за тоа време размислувал како да ја поврзе Украина со нападот.
„Овој апсолутно мизерен Путин, наместо да им се обрати на сопствените граѓани на Русија, молчеше еден ден – размислувајќи како да го поврзе ова со Украина. Сè е апсолутно предвидливо“,
рече Зеленски во синоќешното видеообраќање.
Во обраќањето до нацијата Зеленски додаде и дека тие стотици илјади Руси кои убиваат на украинска територија сигурно би биле доволни за, како што вели, да се спречат сите терористи.
Зеленски и неколку украински функционери остро негираа дека Украина има каква било вмешаност во нападот.
- Подољак: Украина не е вмешана во нападот кај Москва, сѐ во оваа војна се решава само на бојното поле
Рускиот претседател Владимир Путин, вчера во видеообраќање, нападот во концертната сала во Москва го нарече „крвав и варварски чин“ и додава дека напаѓачите, дел од нив уапсени околу 3 часот по полноќ, биле упатени кон Украина бидејќи им бил обезбеден премин. Дополнително, Путин вети дека сторителите, организаторите и нарачателите на нападот, кои и да се, ќе бидат казнети.