Украинскиот претседател беше пречекан од неговиот француски колега Емануел Макрон

Украинскиот претседател Володимир Зеленски и „Коалицијата на подготвените“, денеска во Париз ќе одржат состанок, а според најавите од Елисејската палата потоа ќе имаат телефонски разговор со американскиот претседател Доналд Трамп.
На средбата покрај францускиот претседател Емануел Макрон и претседателот на Украина, Володимир Зеленски, ќе бидат и претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, и генералниот секретар на НАТО, Марк Руте. Додека, другите лидери ќе се вклучат преку видеоврска. Во 14 часот е предвидено лидерите телефонски да разговараат со американскиот претседател Доналд Трамп.
Претходно, од кабинетот на Зеленски соопштија дека со состанокот ќе копретседателствуваат францускиот претседател Макрон и британскиот премиер Кир Стармер, а ќе присуствува и германскиот канцелар Фридрих Мерц.
Вечерва украинскиот претседател Зеленски пристигна во Елисејската палата, каде што беше пречекан од францускиот претседател Емануел Макрон.
Во својот говор Макрон рече дека, врз основа на подготвителната работа на воените планери, Европа е „подготвена да им обезбеди безбедносни гаранции на Украина и на Украинците“.
„Сега е потребно да се утврди искреноста на Русија и нејзината посветеност кон мировни преговори, искажана кон САД“,
додаде тој.
Зеленски, по средбата со Макрон, во објава на својот фејсбук-профил, рече дека со францускиот претседател ги усогласиле позициите пред утрешниот состанок на „Коалицијата на подготвените“ и изрази очекување дека напорите ќе обезбедат силни безбедносни гаранции за Украина.
„Разговаравме и за одбранбената поддршка за Украина – решавање на актуелните потреби, зајакнување на санкциите против Русија. Особено внимание беше посветено на нашиот пат кон Европската Унија. Ја цениме поддршката на Франција во овој поглед“,
пишува Зеленски.
Според пишувањата на Ројтерс, кои се повикуваат на информации од два дипломатски извори, во Париз е и специјалниот претставник на САД, Стив Виткоф.