Шефот на дипломатијата, пак, порача дека ако Украина била членка на НАТО сега ќе немало војна и предложи фер договор со Алијансата и Западот односно да ѝ се помогне со оружје на неговата земја, а Украинците сами ќе се борат
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во своето последно обраќање упати предупредување до нацијата дека претстојната седмица ќе биде клучна, ништо помалку важна од претходните како и секоја останата седмица мината во војна.
„Ќе биде исто толку напнато, дури и уште поодговорно. Русија сè повеќе се плаши. Се плаши дека ќе изгуби. Се плаши дека ќе мора да ја признае вистината“,
вели тој.
Според него, руските трупи ќе се преориентираат на уште поголеми операции на истокот од Украина.
„Можат да користат уште повеќе проектили против нас, да фрлаат уште повеќе бомби од воздух. Но, ние се подготвуваме за нивните постапки. Ќе одговориме. Ќе бидеме уште поактивни во обезбедувањето оружје за Украина. Ќе бидеме поактивни на меѓународната сцена. Ќе бидеме уште поактивни на полето на информациите.“,
изјави Зеленски.
Шефот на украинската дипломатија Дмитро Кулеба, пак, вчера изјави дека Германија и Франција во 2008 година направиле стратегиска грешка кога се спротивставиле на членството на Украина во НАТО.
„Да бевме членка на НАТО, оваа војна немаше да се случи“,
посочи Кулеба.
Тој предложи „фер договор“ со НАТО и со Западот.
„Дајте ни сè што ни треба. И ние ќе се бориме за да не треба да влегувате во борбата кога Путин ќе одлучи да го тестира членот 5 од Северноатлантскиот договор“,
наведе Кулеба додавајќи оти Украинците знаат како да се борат, но дека им треба оружје за да се борат против руските сили.