Зеленски, кој присуствува на настанот во Њујорк првпат од почетокот на војната, најверојатно, ќе привлече најголемо внимание и ќе присуствува на голем број состаноци
Американскиот претседател Џо Бајден и украинскиот претседател Володимир Зеленски ќе се обратат пред светските лидери собрани во седиштето на Обединетите нации на првиот ден од Генералното собрание на Организацијата.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, бразилскиот претседател Луис Инасио Лула да Силва, иранскиот премиер Ебрахим Раиси и германскиот канцелар Олаф Шолц се исто така меѓу оние што ќе говорат на 78. Генерално собрание во Њујорк во вторник.
Зеленски, кој присуствува на настанот во Њујорк првпат од почетокот на војната, најверојатно, ќе привлече најголемо внимание и ќе присуствува на голем број состаноци.
Војната на Русија против Украина, која започна во февруари 2022 година, се очекува да игра важна улога во многу говори во ОН.
Зеленски пристигна во Њујорк вчера попладне со неговата сопруга Олена.
„Територијалниот интегритет на една држава е клучен принцип на сите основни меѓународни документи, вклучувајќи ја и Повелбата на ОН. И нејзината целосна сила, поткопана од руската инвазија, мора да се врати. Украина ќе даде јасен предлог во овој поглед до членките на ОН“,
напиша Зеленски на Фејсбук.
Тој, исто така, истакна дека ќе се сретне со Бајден во Вашингтон подоцна во текот на неделава, заедно со членовите на Конгресот и военото раководство.
Рускиот претседател Владимир Путин нема да присуствува на Генералното собрание, а како и минатата година кога тој не присуствуваше, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров ќе биде негов полномошник на состанокот во Њујорк.