Интензивната дипломатија насочена кон ставање крај на војната во Украина продолжи денеска по разговорите меѓу американските и украинските претставници во голф-центар изграден од специјалниот претставник на Трамп и бизнисмен, Стив Виткоф
Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска, по американско-украинските разговори во Флорида, изјави дека некои тешки прашања сè уште треба да се решат.

Тој објави дека сега се упатува кон Европа за да ја обезбеди поддршката од сојузниците, додека претставникот на американскиот претседател Доналд Трамп треба да отпатува во Москва за да го информира Кремљ за резултатите од разговорите.
Интензивната дипломатија насочена кон ставање крај на војната во Украина продолжи денеска по разговорите меѓу американските и украинските претставници во голф-центар изграден од специјалниот претставник на Трамп и бизнисмен, Стив Виткоф.
Зеленски пристигна во Париз на средба со францускиот претседател Емануел Макрон, а во вторник патува за Ирска. Се очекува украинскиот министер за одбрана да биде во Брисел на разговори со НАТО. Виткоф во вторник се упатува кон Москва на средба со Владимир Путин.
Киев и неговите европски сојузници сакаат Вашингтон да го промени предложениот мировен план на САД, за кој првично се вели дека ги исполнил клучните руски барања: Украина да се откаже од територија, да ја намали големината на својата армија, да се откаже од амбициите за приклучување кон НАТО и да им забрани на западните сили да влезат на нејзина територија.
Киев вели дека тоа би значело капитулација и би ја оставило земјата ранлива на целосна окупација откако Русија ја нападна Украина во 2014 година и повторно во 2022 година.
„Постојат некои тешки прашања што сè уште треба да се решат“,
објави Зеленски на Икс, најавувајќи серија состаноци во Европа за да се разговара за заклучоците од разговорите во Флорида.
Државниот секретар на САД Марко Рубио, кој беше домаќин на разговорите во клубот „Шел беј“ на Виткоф во близина на Мајами, во неделата изјави дека Вашингтон е реален во врска со тоа колку е тешко ова, но оптимист, особено со оглед на фактот дека постигнале напредок.
„Сè уште има работа. Ова е деликатно. Постојат многу елементи и јасно е дека е вклучена и друга страна… што ќе мора да биде дел од равенката, а тоа ќе продолжи подоцна оваа недела кога Виткоф ќе отпатува во Москва“,
рече Рубио.
Претседателот Макрон, кој претходно беше домаќин на разговори за евентуални европски мировни сили во Украина по војната – што би било забрането според оригиналната верзија на американскиот план – го потапка Зеленски по грбот кога тој влегуваше во Елисејската палата.
Разговорите доаѓаат во критичен момент за Киев: украинските сили губат на фронтовската линија, додека земјата е потресена од најголемиот корупциски скандал од почетокот на тоталната инвазија.
Шефот на кабинетот на Зеленски, кој ја предводеше украинската делегација на разговорите, поднесе оставка во петокот откако антикорупциските истражители го претресоа неговиот дом. Двајца министри беа отпуштени, а поранешниот деловен партнер на Зеленски беше именуван за осомничен.
Русија не покажува знаци дека ги ублажува своите максималистички барања додека нејзините сили полека напредуваат по фронтот долг околу 1 200 километри.
Москва денеска соопшти дека нејзините сили зазеле уште една населба во источна Украина, во регионот Донецк. Русија, исто така, вели дека е блиску до освојување на разурнатиот Покровск, што е нејзина најголема победа за речиси две години.
Руските сили ги бомбардираат украинските градови секоја ноќ со напади со долг дострел, главно насочени кон енергетската инфраструктура. Нападите често ги оставаат жителите во студ и темнина додека влегуваат во четвртата зима на војната.
Најмалку три лица беа убиени, а 15 ранети во рускиот ноќен напад врз Днепар.
Украина реагира на нападите со долг дострел насочени кон рускиот извоз на нафта. Кремљ денеска го осуди украинскиот напад врз рускиот терминал за извоз на нафта што служи за цевковод од Казахстан, како и нападите врз два танкера во Црното Море.
