Американскиот потпретседател Џеј-Ди Венс рече дека Вашингтон сака да постигне „траен мир“ во Украина, по разговорите со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Минхен

На Украина ѝ требаат „вистински безбедносни гаранции“ пред какви било разговори за ставање крај на војната со Русија, му рекол украинскиот претседател Володимир Зеленски на американскиот потпретседател Џеј-Ди Венс.
Зеленски, како што пренесува „Гардијан“, рекол дека во Минхен на првиот состанок со Венс имал „добри“ разговори и додава оти е сигурен дека оваа средба нема да биде и последна.
Зборувајќи за време на состанокот на маргините на Минхенската безбедносна конференција, Зеленски рече дека Украина е „многу благодарна“ за американската поддршка.
„Треба да зборуваме повеќе, да работиме повеќе и да подготвиме план за како да го запреме Владимир Путин и да ја завршиме работата… Многу сакаме мир, но ни требаат вистински безбедносни гаранции“,
рекол Зеленски.
Американскиот потпретседател Џеј-Ди Венс рече дека Вашингтон сака да постигне „траен мир“ во Украина, по разговорите со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Минхен, а на која беа и американскиот државен секретар Марко Рубио и Кит Келог, специјалниот пратеник на Доналд Трамп за војната во Украина.
„Сакаме војната да заврши, сакаме убиствата да запрат, но сакаме да постигнеме траен мир, а не таков мир што ќе ја доведе Источна Европа во конфликт само неколку години подоцна“,
рече Венс, пишува „Гардијан“.
Според Венс, важно е да се почнат разговорите што ќе бидат неопходни за да се стави крај на оваа работа.
„Тоа е сè што ќе кажам засега, бидејќи сакам да ја зачувам опцијата овде за преговарачите и нашите соодветни тимови да ја доведат оваа работа до одговорно затворање“,
додаде тој.
Непосредно, пак, пред средбата со Венс, Зеленски рече дека единствениот руски функционер со кој е подготвен да разговара е претседателот Владимир Путин.
Зеленски рече дека ќе биде подготвен да се сретне со Путин само откако Украина ќе се договори за заеднички план со американскиот претседател Доналд Трамп и европските лидери.
„Ќе се сретнам само со еден Русин, со Путин, и дури откако ќе се договориме за заеднички план со американскиот претседател Доналд Трамп и Европа. Тогаш ќе седнеме и ќе ја прекинеме војната. Подготвен сум да се сретнам само во тој случај“
рекол Зеленски.
Тој додава и дека Трамп му го дал личниот телефонски број и му рекол дека може да му се јави во секое време.
„Беше смешно…ми рече дека можам да му се јавам кога сакам. Му се заблагодарив и го потсетив дека ми го кажа тоа минатиот пат, но не ми го даде неговиот број. Тој рече, во ред, можеш да ми се јавиш кога сакаш“,
го раскажа Зеленски разговорот со Трамп.