Мора да ја направиме Европа конечно обединета. Поради тоа Украина и вашите земји од Западен Балкан се подеднакво заинтересирани за тоа. Самитот на ЕУ-Западен Балкан ќе се одржи наскоро. Посакувам тој да биде успешен за вашите држави, порача украинскиот претседател кој беше специјален гостин на Преспа форумот за дијалог што се одржува во Охрид

Европска интеграција на Украина и на Западен Балкан побара претседателот на Украина, Володомир Зеленски, во видеообраќање на сесијата „Што после војната во Украина“ во рамки на Преспа форумот за дијалог што денеска започна во Охрид.
„Полноправното членство на Украина како и целосната европска интеграција на вашите држави е историско зајакнување на Европа и целосно демонтирање на руската способност да не победи поединечно. Потребен ни е позитивен одговор на нашата и на вашата европска перспектива и благодарен сум што работиме на таа цел заедно“,
изјави Зеленски.
Тој порача дека сега е историски момент за Европа и европската безбедност, кога сите треба да одлучат – што е Европа и каква ќе биде Европа во иднина.
„Дали ќе биде слободна како што е сега? Дали ќе биде безбедна како што се навикнати повеќето Европејци? Дали ќе биде социјално и економски развиена, и што ќе ги инспирира општествата надвор од нејзиниот континент?“,
праша Зеленски.
Украинскиот претседател се осврна на руската инвазија врз неговата земја потенцирајќи дека украинскиот народ веќе 113-ти ден се брани од руските амбиции кои ги уништуваат и луѓето и културата. Меѓутоа, рече тој, Русија не ја предизвика само Украина туку сите – секоја нација на континентот и секој регион во Европа.
Според него, со војната против неговата земја, Русија се обидува да направи отскочна даска за напад врз други нации во Европа.
Поради војната, констатираше тој, сите во демократскиот свет се соочуваат со енергетска криза без преседан.
„Многу години Русија креира впечаток дека е наводно сигурен извор на енергетски ресурси, но во реалноста направи различни европски земји да зависат од неа. Уште полошо сценарио е со пазарот на храна, при што не само што се зголемуваат цените на основните прехранбени производи, туку се создава и нова мигрантска криза. Ќе споменам уште еден елемент од руската антиевропска политика – а тоа е дека Русија е можеби најголемиот инвеститор во пропаганда“,
оцени Зеленски.
Затоа, продолжи тој, потребна е сериозна дискусија за безбедносна архитектура во Европа која мора да биде базирана на потребата да се ослободи Европа од зависноста што руската држава ја прави со децении.
„Безбедноста е невозможна без тоа и затоа се потребни санкции за антиевропската политика на Русија. Ова треба да се земе предвид при подготвувањето на седмиот пакет санкции на ЕУ. Треба да разбереме дека санкциите станаа дел од европската безбедносна архитектура. Тие имаат за цел мир и стабилност ограничувајќи ја способноста на Русија да ја прошири агресијата“,
оцени Зеленски.
Не може, според украинскиот претседател, да се одржуваат трговски врски со Русија.
„И најважно од се е дека ние мора да ја направиме Европа конечно обединета. Поради тоа Украина и вашите земји од Западен Балкан се подеднакво заинтересирани за тоа. Самитот на ЕУ-Западен Балкан ќе се одржи наскоро. Посакувам тој да биде успешен за вашите држави. Ви благодарам за вашата поддршка за Украина што ни ја давате на повеќе нивоа, при што овој јуни ќе биде успешен за нашата земја во релациите со ЕУ. Одговарајќи за нашата европска перспектива, и одговарајќи за вашата европска перспектива, народите во Европа и европските политичари одговараат за иднината на Европа“,
заврши Зеленски со обраќањето.