Зеленски смета дека загубите на Русија одиграле клучна улога во поттикнувањето на мировниот процес
Украинскиот претседател Володимир Зеленски е во Вилнус, каде што учествува на самитот на лидерите на источното крило на НАТО и нордиските земји.

Зборувајќи на собирот, Зеленски рече дека постои вистинска можност да се обидат да ја завршат војната, опишувајќи го сегашниот момент како посебен.
„Русија е принудена да се вклучи во дипломатијата“,
рече Зеленски.
Тој додаде дека е благодарен за секоја инвестиција во производство на оружје и истакна дека Европа и Соединетите Американски Држави заедно имаат подобро оружје од Русија.
„Имаме и помоќни тактички решенија. Нашата операција ‘Пајажина’ го докажа тоа“,
рече тој осврнувајќи се на големиот напад со беспилотни летала врз руските воени бази длабоко на руска територија што се случи во неделата.
Зеленски заклучи дека загубите на Русија одиграле клучна улога во поттикнувањето на мировниот процес
„Русија мора да почувствува што значат нејзините загуби. Тоа е она што ќе ја турне кон дипломатија“,
рече тој.
Инаку претставници од Украина и Русија денеска треба повторно да се сретнат во Истанбул за да разговараат за можни начини за завршување на војната.
Средбата ќе се одржи во палатата „Чираган“ во Истанбул, соопшти турското Министерство за надворешни работи.
Оваа рунда разговори ја предложи Москва.
Кон средината на мај завојуваните страни се состанаа на директни разговори, првпат од 2022 година. Резултатот од таа средба беше размена на затвореници.