Во интервјуто, како што пишува „Политико“, Трамп бил умерен во врска со последниот предлог на Зеленски и „не побрзал да даде поддршка“

Американскиот претседател Доналд Трамп, пред очекуваната средба в недела со Володимир Зеленски, од кого се очекува да го претстави мировниот план на Украина, за „Политико“ изјави дека украинскиот претседател „нема ништо додека јас не го одобрам“.
Зеленски се очекува на средбата со Трамп, во Флорида во недела, да носи нов мировен план од 20 точки. Зеленски рече дека целта на средбата е да се искористи целиот напредок што го постигнале нивните тимови за да се постави рамка за завршување на војната.
Во интервјуто, како што пишува „Политико“, Трамп бил умерен во врска со последниот предлог на Зеленски и „не побрзал да даде поддршка“.
„Нема ништо додека не го одобрам. Па ќе видиме што ќе се случи“,
вели Трамп.
Трамп сè уште верува дека би можел да има продуктивен состанок овој викенд.
„Мислам дека сè ќе биде добро со него. Мислам дека сè ќе биде добро со Владимир Путин“,
рече Трамп.
Според „Политико“, Трамп очекува наскоро да разговара со рускиот лидер „колку што сака“.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во изјава за американскиот портал „Аксиос“ рече дека се надева оти ќе го разубеди претседателот Доналд Трамп од американскиот предлог со кој целосно би се повлекле украинските сили од Донбас, објави Ројтерс.
Доколку не може да ги убеди САД на „цврст“ став по прашањето за територијални отстапки, тој за „Аксиос“ изјави дека е отворен да го стави предложениот мировен план на Вашингтон од „20 точки“ на референдум, под услов Русија да се согласи на 60-дневен прекин на огнот за да ѝ дозволи на Украина да подготви и да одржи такво гласање.
Коментарите на Трамп доаѓаат еден ден откако Зеленски разговараше со специјалниот претставник Стив Виткоф и со Џаред Кушнер, зетот на претседателот. Зеленски го нарече тоа „добар разговор“.
