Изјавата на Зеленски со објавените податоци доаѓа неколку часа откако украинските спасувачки екипи пронајдоа тело на двегодишно девојче, жртва на еден од најновите руски напади
Најмалку 500 деца се убиени во текот на руската инвазија на Украина, изјави денеска претседателот на земјата Володимир Зеленски, јавуваат светските агенции.

Изјавата на Зеленски со објавените податоци доаѓа неколку часа откако украинските спасувачки екипи пронајдоа тело на двегодишно девојче, жртва на еден од најновите руски напади.
Украинскиот претседател во изјавата вели дека руското оружје и омраза , кои продолжуваат да ги одземаат и уништуваат животите на украинските деца секој ден, убиле стотици лица од почетокот на инвазијата на 24 февруари 2022 година.
„Многу од нив можеа да станат познати научници, уметници, спортски шампиони, можеа да придонесат за историјата на Украина“,
рече Зеленски, јавува АФП, а пренесува регионалниот сервис на Радио Слободна Европа.
Точниот број на деца, жртви на војната, е невозможно да се утврди, посочи тој, а како причина го наведе конфликтот кој сè уште е во тек и тоа што дел од украинската територија е под руска окупација.
„Мораме да издржиме и да победиме во оваа војна, цела Украина, целиот наш народ, сите наши деца, мора да бидат ослободени од рускиот терор“,
изјави Зеленски.
Спасувачките екипи денеска рано наутро пронајдоа тело на двегодишно девојче додека ги пребаруваа урнатините на станбена зграда во централниот украински град Днипро.
Регионалниот гувернер Серхиј Лисак изјави дека пет деца се меѓу 22-те лица повредени во нападот еден ден претходно, во кој беа оштетени две станбени згради.
Русикиет сили денеска извршија повеќе напади со беспилотни летала и крстосувачки ракети, гаѓајќи повеќе цели во земјата, вклучувајќи го и главниот град Киев.
Украинските воздухопловни сили објавија дека нивните системи за противвоздушна одбрана собориле три од пет беспилотни летала и четири од шест истрелани проектили.
Според украинското воздухопловство два проектили погодиле воена база во Кропивницки, град во централна Украина, додека руското министерство за одбрана тврди дека цел на нападите биле воени авиони и складишта за муниција. Ниту една од двете страни не сподели детали и информации за степенот на предизвиканата штета.
Руската војска извести за серија напади во изминатите неколку дена врз украинските системи за воздушна одбрана, базите на воздухопловните сили и касарните. Нападите доаѓаат во период во кој Украина се подготвува за долгоочекуваната контраофанзива, во која се надева дека ќе врати повеќе територии.
Последните руски напади врз украинските градови предизвикаа загриженост за цивилната безбедност, откако официјални лица изјавија дека речиси четвртина од 4 800 засолништа во случаи на воздушна опасност во земјата се заклучени или несоодветни за употреба.
Во Киев, 44 отсто од 1 078 засолништа се или затворени или неупотребливи, а признанието за ваквата состојба од страна на украинските власти дојде откако 33-годишна жена наводно починала чекајќи пред затворено засолниште за време на руски ракетен напад во четвртокот.
Обвинителите во главниот град соопштија дека четири лица се приведени како дел од истрагата. Чуварот кој наводно не ја отклучил вратата од засолништето сè уште е во притвор, додека други тројца се во домашен притвор.