Тој рече дека Хамас и Русија ја користеле истата тактика и дека израелските новинари кои биле во Украина и биле сведоци на последиците од злосторствата таму сега гледаат дека истото се случува и во нивната татковина
Украинскиот претседател Володимир Зеленски апелира до Парламентарното собрание на НАТО за меѓународното владеење на правото да се обедини и да се справи со тероризмот споредувајќи го, како што рече, нападот врз Израел од страна на „терористичките организации“ со слични тактики што ги користи Русија, за која рече дека е терористички држава.
Говорејќи преку видеоврска, тој рече дека светот може да се согласи за збирот на дефиниции за тероризмот.
„Не силувајте жени. Не убивајте. Не третирајте ги децата како трофеи. Не полнете села и градови со крв. Не пукајте во цивили во автомобили… Тоа треба да биде основата“,
рече тој.
Тој рече дека Хамас и Русија ја користеле истата тактика и дека израелските новинари кои биле во Украина и биле сведоци на последиците од злосторствата таму сега гледаат дека истото се случува и во нивната татковина.
Зеленски потоа кажа нешто што може да се смета за критика насочена кон републиканците во американскиот Конгрес, пишува „Гардијан“.
„Ова не е време да се повлечеме од меѓународната арена во внатрешни спорови. Не е време да се молчи“,
рече тој додавајќи дека луѓето не треба да се преправаат дека тероризмот на еден континент нема да влијае на остатокот од светот.
Украинскиот претседател го поврза Иран со инвазијата на Украина и нападот врз Израел.
„Иран не може да каже дека нема никаква врска со она што се случува во Украина ако ѝ продава беспилотни летала ‘шахед’ на Русија. Исто така, не може да тврди дека нема никаква врска со она што се случува во Израел, ако неговите функционери тврдат дека го поддржуваат Хамас“,
изјави украинскиот претседател.
Фото: EPA-EFE/Liselotte Sabroe DENMARK OUT