Украинскиот претседател повторно ја повикал Алијансата да испрати оружје истакнувајќи дека состојбата во Украина сега е прашање на живот или смрт
Украинскиот претседател Володимир Зеленски учествува на денешниот самит НАТО кој се одржува во Брисел. Зеленски се вклучил преку видеоврска и порачал дека чувствува оти неговата земја „се наоѓа во сива зона меѓу Западот и Русија“, бидејќи не е ниту член на Алијансата, но како што нагласил, Украина ги брани заедничките вредности, пренесува Би-би-си.
„Ова беше месец на херојска одбрана и мрачен, деструктивен месец“,
порачал Зеленски во своето обраќање.
Тој рекол и дека Украина храбро се држела, но по цена на илјадници животи, уништени градови и 10 милиони раселени луѓе.
Украинскиот лидер посочил и дека барал помош во вид на авиони за да го заштити украинското небо бидејќи Украина нема моќно оружје за такво нешто.
Тој ја обвинил и Русија дека користела оружје за масовно уништување и дека последиците од тоа се очигледни.
„Веќе еден месец сме во нерамноправна положба. Досега Украина не доби ниту еден авион. Молев за тенкови, да ни бидат дадени, да ни бидат продадени, но и натаму немам јасен одговор од членките на НАТО“,
рекол Зеленски.
Сепак, Зеленски додал и дека не го обвинува НАТО бидејќи ракетите на НАТО не се тие што ги уништуваат украинските градови.
„Алијансата може да помогне да се спречи понатамошно страдање, така што ќе испрати повеќе оружје во Украина. Сега е прашање на живот или смрт“,
рекол Зеленски.
Тој ја обвинил и Русија за користење на фосфорни бомби, но не дал прецизен одговор за тоа каде се случил конкретно тој напад.