Украинскиот претседател во својата објава на Твитер изрази благодарност до претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и до сите членови во Комисијата за оваа, како што вели, историска одлука, која е првиот чекор на патот за членство во ЕУ, што секако ќе придонесе и ќе ја доближи победата
Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја поздрави одлуката на Европската комисија која на денешниот состанок препорача Украина и Молдавија да добијат кандидатски статус за членство во Европската Унија.
„Ова е првиот чекор на патот за членство во ЕУ, што секако ќе придонесе и ќе ја доближи нашата победа“,
порача Зеленски на Твитер.
Тој во својата објава изрази благодарност до претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и до сите членови во Комисијата за оваа, како што вели, историска одлука.
„Позитивниот резултат од Европскиот совет го очекувам следната недела“,
додава украинскиот претседател.
Претходно денеска Европската комисија ја даде својата оцена за трите апликации за членство во Европската Унија на Украина, Молдавија и Грузија и препорача на Украина и Молдавија да им се даде кандидатски статус за членство во Европската Унија.
Оваа препорака за кандидатски статус на Украина и Молдавија ќе послужи како основа за дискусија на самитот на ЕУ следната недела (23-24 јуни) во Брисел, каде што се очекува лидерите да го одобрат статусот на двете земји за кандидати, но со строги услови, а членството може да потрае со години, па дури и децении.