Зеленски веќе неколкупати во последните денови побарал испорака на два дополнителни системи за противвоздушна одбрана „Патриот“. Тој рече дека тоа ќе обезбеди подобра заштита за Харков, кој повеќепати е напаѓан од воздух. Овој град на североистокот на Украина е еден од најтешко погодените од војната
Украинскиот претседател Володимир Зеленски повторно ја нагласи итната потреба на неговата земја од оружје за противвоздушна одбрана. На Украина итно ѝ требаат повеќе системи за противвоздушна одбрана и западни борбени авиони, рече Зеленски вчера вечерта во дневното видеообраќање.
„На слободниот свет, за жал, му недостига брзина за овие две прашања“,
рече тој додавајќи дека поради својата воздушна супериорност Русија е во состојба да ги уништи украинските градови и одбранбените позиции со крстосувачки бомби.
Според Зеленски, Русите активно користеле деструктивна тактика на првите борбени линии во близина на Харков и во источниот украински регион Донецк во правец на Часив Јар и Покровско.
Зеленски веќе неколку пати во последните денови побарал испорака на два дополнителни системи за противвоздушна одбрана „Патриот“. Тој рече дека тоа ќе обезбеди подобра заштита за Харков, кој повеќе пати е напаѓан од воздух. Овој град на североистокот на Украина е еден од најтешко погодените од војната.
Борбените авиони кои ги спомна Зеленски ѝ беа ветени на Украина пред една година. Но, според официјалните информации, Ф-16 се уште не пристигнале. Експертите оценуваат дека долгото време на испорака на оружје од Запад ѝ овозможува на Русија да се подготви за ново оружје.
Напад на Харков
Во руските напади врз североисточниот украински град Харков во текот на ноќта повредени се најмалку седум лица, изјави гувернерот на регионот. Во текот на ноќта беа погодени и други украински региони со руски беспилотни летала, вклучувајќи ги Одеса, Миколаив и Днепропетровск.
Пред речиси две недели Москва ја интензивираше воздушната и копнената кампања во областа Харков, која граничи со Русија. Руските сили оттогаш зазедоа неколку украински погранични села. Според набљудувачите, офанзивата е забавена во последните денови, но не запрела.
