Од државната нуклеарна компанија Енергоатом, пак, известија дека поради опасност од пожари и оштетените далноводи, сите шест реактори од електраната во Запорожје и натаму остануваат исклучени
Првпат откако е пуштена во функција во 1984 година, најголемата европска нуклеарна електрана во Запорожје беше привремено исклучена од електроенергетската мрежа, а украинскиот претседател Володимир Зеленски тврди дека Европа се соочила со опасност од радиоактивна катастрофа.
Околу нуклеарната централа во Запорожје, која е под руска контрола уште од март, веќе со недели се водат борби, што предизвика глобална загриженост, а завојуваните страни постојано си ја префрлаат вината.
Експерти од Меѓународната агенција за атомска енергија (ИАЕА) уверуваа дека сите безбедносни системи на електрана останале во функција.
Сепак, како резултат на снемувањето струја, реакторите се привремено исклучени од мрежата, така што проработеле системите за вонредна заштита.
Проблемите во работата на електраната се предизвикани од околни пожари кои ги оштетиле електричните водови.
Украина веќе со недели тврди дека Русија се обидува да ја пренасочи електричната енергија од Запорожје кон сопствените далноводи.
Меѓународната агенција за атомска енергија предупреди дека безбедното спроведување на енергијата кон далноводите е неопходно за да се осигура нуклеарната безбедност.
„Ако агрегатите не се исклучеа, доколку автоматизацијата и нашиот персонал во електраната не реагираа по снемувањето на струја, тогаш ќе се соочивме со радиоактивна катастрофа“,
тврди Зеленски.
Од државната нуклеарна компанија Енергоатом, пак, известија дека поради опасност од пожари и оштетените далноводи, сите шест реактори од електраната во Запорожје и натаму остануваат исклучени.
„Дејствувањето на окупаторот доведе до целосно исклучување на нуклеарната електрана од електродистрибутивната мрежа, првпат во нејзината историја. Три далноводи на нуклеарката претходно беа оштетени за време на терористички акции на руските сили“,
се вели во соопштението на Енергоатом.