„Денес имавме детална дискусија за нашата заедничка дипломатска работа со американската страна, усогласивме заеднички став за важноста на безбедносните гаранции, реконструкцијата (на Украина) и се договоривме за следните чекори“, рече украинскиот претседател по средбата со британскиот премиер, Кир Стармер, францускиот претседател, Емануел Макрон и германскиот канцелар, Фридрих Мерц во Даунинг стрит во Лондон
Она што е клучно денес е единството меѓу Европа и Украина, како и единството меѓу Европа, Украина и Соединетите Американски Држави (САД). Ова го изјави украинскиот претседател, Володимир Зеленски по денешната средба со британскиот премиер, Кир Стармер во Даунинг стрит, каде беа присутни и францускиот претседател, Емануел Макрон и германскиот канцелар, Фридрих Мерц.

Резимирајќи ги впечатоците од средбата, Зеленски изјави дека на неа во детали била дискутирана дипломатската работа со американската страна. Тема на посебни разговори, како што кажа украинскиот претседател, била и натамошната одбранбена поддршка за Украина.
„Денес имавме детална дискусија за нашата заедничка дипломатска работа со американската страна, усогласивме заеднички став за важноста на безбедносните гаранции, реконструкцијата (на Украина) и се договоривме за следните чекори.
Исто така, одржавме посебна дискусија за понатамошната одбранбена поддршка за Украина. Благодарен сум им на лидерите за нивната подготвеност да застанат со нашиот народ и да ни помогнат на патот кон приближување до мирот“,
рече Зеленски, пренесе „Гардијан“.
Разговорите со Стармер, Макрон и Мерц, украинскиот претседател ги опиша како продуктивни, додавајќи, дека со нив бил постигнат „мал напредок кон мирот“.
Зеленски додаде, дека плановите за мировен договор за кој се залагаат Украина и Европа треба да бидат готови до утре, по што ќе биде споделен со Соединетите Американски Држави (САД).
Европските лидери изјавија дека има уште многу работа што треба да се направи за да се добијат безбедносни гаранции за Украина, додека расте притисокот од Вашингтон врз Киев да постигне мировен договор со Русија“, пренесе „Би-би-си“.
Стармер: Секој мировен договор морада вклучува цврсти безбедносни гаранции
Британскиот премиер Кир Стармер, пред средбата со украинскиот претседател Володимир Зеленски, францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Фридрих Мерц, изјави дека секој мировен договор мора да вклучува цврсти и долгорочни безбедносни гаранции.
Стармер, кој заедно со Макрон ја предводи т.н. „коалиција на подготвените“, рече дека во конкретниот случај Русија е таа која е агресор.
„Ако има примирје, тоа мора да биде фер и долготрајно, бидејќи (Владимир) Путин не ги почитува договорите без јасни безбедносни механизми“,
рече британскиот премиер.

Стармер, сепак, ги пофали напорите на американскиот претседател за постигнување мировно решение за Украина, наведувајќи дека „е постигнат најголем напредок во последните четири години“.
Мерц е „скептичен“ за некои детали во „американките документи“
Германскиот канцелар, Фридрих Мерц, пак, пред средбата изјави, оти е скептичен во однос на како што кажа, некои детали што можат да се видат во американските документи.
„Но мора да ги разгледаме заедно. Токму затоа сме тука денеска. Овој момент може да биде решавачки за сите нас“,
изјави Мерц, без да прецизира за кои документи станува збор.
Францускиот претседател Емануел Макрон, пак, забележа дека „главниот проблем пред финализирањето на преговорите за Украина е усогласувањето на нашите заеднички позиции, меѓу Европејците, Украинците и САД“.
„Европејците и Украинците имаат многу адути во рацете, како што се финансиската помош за Украина, отпорот на украинската армија против руските сили и ефектот од европските и американските санкции врз руската економија“,
рече Макрон пред отворањето на средбата во Лондон.

Притисок од Вашингтон
Инаку, во Киев и низ цела Европа, како што наведува Би-би-си постои нервоза и загриженост дека САД би можеле да ја прекинат поддршката на Украина поради фрустрација од бавниот напредок на преговорите.
„Не можеме да се справиме без Американците, не можеме да се справиме без Европа и затоа треба да донесеме некои важни одлуки“,
рече Зеленски во Лондон.
Минатата недела, украинските претставници поминаа три дена со американскиот преговарачки тим во Флорида, притискајќи за промени во мировниот предлог поддржан од САД, кој е широко оценет како поволен за Русија.
Украина бара безбедносни гаранции за да се осигури дека во случај на мировен договор, Русија ќе биде одвратена од извршување на уште една инвазија или напад.
Прашањето за територијалните отстапки, исто така, останува точка на сопнување меѓу Москва и Киев. САД предложија Украина целосно да ги повлече своите сили од источните региони кои Русија се обиде да ги преземе со сила, но не успеа да ги освои целосно, во замена за руско повлекување од други места и прекин на борбите.
Но, ова е неприфатлива опција за Зеленски, кој одбива да ја награди Москва за нејзината агресија и кој постојано предупредува дека Русија ќе искористи какво било упориште во источните региони за да започне идни напади врз Украина.
Иако Белата куќа врши притисок врз Киев и Москва брзо да се согласат на план од повеќе точки за завршување на војната, има малку знаци за пробив.
Петчасовната средба меѓу американскиот претставник Стив Виткоф и рускиот претседател Владимир Путин во Москва минатата недела не даде опипливи резултати.
По тие разговори следеа тридневни дискусии меѓу главниот преговарач на Зеленски, Рустем Умеров, и неговите американски колеги во Мајами, што резултираше со нејасни, но позитивни изјави за „напредок“ од двете страни.

Сепак, во неделата Трамп го обвини Зеленски дека не го прочитал нацртот на ревидираниот мировен договор.
„Малку сум разочаран што претседателот Зеленски сè уште не го прочитал предлогот“,
рече тој, инсистирајќи дека рускиот Владимир Путин е „задоволен со тоа“.
По срдечното испраќање со Стармер, Макрон и Мерц пред Даунинг стрит, Зеленски вечерва треба да отпатува во Брисел каде најавена средба со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте и со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
