Украинскиот претседател ја опиша ревидираната верзија како „рамка што постојано се развива“ и што мора да ги одразува „интересите на Украина, Европа и светот“

Украина и нејзините партнери работат на три клучни документи што ја формираат основата на тековните дипломатски напори за завршување на војната со Русија, изјави денес претседателот Володимир Зеленски. Планот вклучува рамковен мировен договор, безбедносни гаранции и реконструкција на земјата, објавува „Киев Индепендент“.
Според Зеленски, главниот рамковен план сега вклучува 20 точки, откако преговарачите отфрлиле некои во оригиналниот американско-руски нацрт. Овој нацрт имаше 28 точки. Украинскиот претседател ја опиша ревидираната верзија како „рамка што постојано се развива“ и што мора да ги одразува „интересите на Украина, Европа и светот“.
Вториот документ се фокусира на безбедносните гаранции што Киев ги подготвува со Вашингтон и европските партнери.
„Чекам предлози од нашата војска и од нивниот дијалог со Американците“,
додаде Зеленски нагласувајќи дека гаранциите се клучни за секоја понатамошна дискусија.
Тој призна дека САД „сè уште не се подготвени да ја видат Украина во НАТО“, нарекувајќи го тоа „отворена информација“. Тој нагласи дека приоритет на Киев е да изгради ефикасни гаранции од европската „коалиција на подготвените“ и најважно, од САД.
„Многу е важно – ова се билатерални безбедносни гаранции меѓу Украина и САД. Тие се наведени во план од 20 точки. Тоа е како Член 5 од НАТО“,
рече Зеленски.
Третиот документ се однесува на реконструкцијата на Украина, која Зеленски ја опиша како клучна за планирање на иднината на земјата, дури и додека војната сè уште трае.
Изјавата на украинскиот претседател следеше по извештајот на украинскиот преговарачки тим за консултациите одржани во Лондон со советниците за национална безбедност на ЕУ. Киев и неколку европски партнери ги завршија своите ревизии на мировниот предлог претходно во текот на денот, со цел да презентираат унифициран пристап, додека САД се залагаат за побрз напредок.
Напорите доаѓаат откако европските лидери изразија фрустрација што се изоставени од директните контакти меѓу САД и Русија што резултираа со претходен нацрт од 28 точки.
Зеленски вчера во Лондон разговараше со британскиот премиер Кир Стармер, пред да отпатува за Брисел на состаноци со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, и претставници на ЕУ.
Тој денес во Рим се сретна со италијанската премиерка Џорџа Мелони и папата Лав Четиринаесетти.
Во меѓувреме, секретарот на Советот за национална безбедност и одбрана на Украина, Рустем Умеров, минатата недела го посети Вашингтон за да продолжи со преработката на предлогот.
И покрај интензивираните разговори, претставници на Кремљ велат дека Русија не се откажува од своите клучни барања, вклучително и присилното повлекување на украинските сили од неокупираните делови од регионот Донецк. Територијалните прашања, вклучително и статусот на Донбас, остануваат главна точка на сопнување во разговорите, потврди Зеленски.
Зеленски претходно денеска изјави дека неговата земја е подготвена за прекин на огнот против енергетските капацитети и инфраструктурата доколку Русија се согласи на истото. Тој додаде дека ќе стори сè што е можно за да организира состанок на високо ниво со САД во следните две недели за склучување мировен договор.
Откако американскиот престедател Доналд Трамп рече дека во Украина треба да се одржат претседателски избори и Зеленски изјави дека е подготвен за избори и ги повика САД и европските партнери да помогнат во обезбедувањето на безбедноста на изборите за време на војна. Тој им рече на новинарите дека доколку безбедноста биде загарантирана, изборите би можеле да се одржат во следните 60-90 дена, додавајќи дека ќе побара од парламентот да ја подготви потребната законска рамка за да се овозможи одржување на изборите за време на воена состојба.
