„Ако војната може да се запре во еден регион, тогаш сигурно можат да се запрат и други војни – вклучително и руската војна“, напиша украинскиот претседател по денешниот телефонски разговор со Трамп
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, во телефонски разговор го повикал својот американски колега Доналд Трамп да го искористи моментумот со договорот за прекин на огнот во Газа и да посредува за постигнување мировно решение за Украина, пренесоа светските медиуми.

Трамп и Зеленски разговарале за барањето на Украина Соединетите Американски Држави (САД) да дозволат испорака на крстосувачки ракети „Томахавк“ за да се зајакне способноста на Киев да спроведува напади со долг дострел кон Русија, пишува „Аксиос“
Ова следи по сугестијата на Трамп дека тој „донел одлука“ за продажба на ракети „Томахавк“ на земјите членки на НАТО, кои потоа тие би можеле да ѝ ги испорачаат на Украина.
„Ако војната може да се запре во еден регион, тогаш сигурно можат да се запрат и други војни – вклучително и руската војна“,
напиша Зеленски на социјалните мрежи.
Разговорот меѓу двајцата претседатели доаѓа еден ден откако Москва започна масовен напад со беспилотни летала и ракети врз енергетската инфраструктура на Украина што предизвика широко распространети прекини на снабдувањето со електрична енергија во Киев и во други региони во земјата.
„Го информирав претседателот Трамп за нападите на Русија врз нашиот енергетски систем и ја ценам неговата подготвеност да нè поддржи“,
напиша Зеленски на платформата Икс, додавајќи дека имале „многу позитивна и продуктивна“ дискусија за „конкретни договори“ за зајакнување на воздушната одбрана на Украина.
I had a call with US President Donald Trump—a very positive and productive one. I congratulated @POTUS on his success and the Middle East deal he was able to secure, which is an outstanding achievement. If a war can be stopped in one region, then surely other wars can be stopped… pic.twitter.com/gDuEANq2e6
— Volodymyr Zelenskyy / Володимир Зеленський (@ZelenskyyUa) October 11, 2025
Во меѓувреме командантот на вооружените сили на Украина, Олександр Сирски, предупреди дека Русија ги засилува своите воздушни напади.
„Нè очекуваат нови предизвици. Во текот на изминатиот месец, непријателот го зголеми бројот на оружје за воздушен напад и иако нашата воздушна одбрана е ефикасна околу 74%, треба да вложиме дополнителни напори за да го покриеме енергетскиот сектор во заднината, критичната инфраструктура и логистиката“,
рече Сирски, пренесе „Гардијан“.
Новиот разговор меѓу Трамп и Зеленски доаѓа во време на тековни дискусии во Вашингтон за тоа дали треба Украина да добие крстосувачките ракети „Томахавк“ што Киев долго време ги бара.
Рускиот претседател, Владимир Путин, коментирајќи го барањето на Киев, неодамна изјави дека доколку Вашингтон се одлучи на таков потег тоа би бил „сосема нова есклалација“ на конфликот.
Украинскиот претседател во своето вечерно обраќање во петокот рече дека Русија ја искористува предноста што светот е „скоро целосно фокусиран на перспективата за воспоставување мир на Блискиот Исток“ и повика на зајакнување на системите за воздушна одбрана на Украина и построги санкции кон Русија.
„Руските средства мора целосно да се искористат за зајакнување на нашата одбрана обнова на земјата“,
рече тој во видеото објавено на платформата Икс.
Во меѓувреме, британскиот премиер, Кир Стармер, францускиот претседател, Емануел Макрон и германскиот канцелар, Фридрих Мерц, во заедничка изјава вчера соопштија дека се подготвени да се координираат и да се движат кон користење на „вредноста на имобилизираните руски суверени средства за поддршка на вооружените сили на Украина и со тоа да ја доведат Русија на преговарачката маса“.
Во заедничката изјава тие додадоа дека овој потег планираат да го направат „во тесна соработка со Соединетите Американски Држави“.