Зеленски исто така им наложи на украинскиот премиер Денис Шмихаљ и на министерот за финансии Сергеј Марченко да ги анализираат можностите, особено за Киев, итно да се набави сè што е моментно потребно за алтернативно снабдување со електрична енергија и греење
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, денеска соопшти дека енергетската ситуација во Киев е сè уште исклучително тешка, особено на левиот брег на Днепар, и дека повеќе од 1 200 станбени згради се без греење.

„Одржан е посебен состанок и поднесени се извештаи за состојбата во регионите во кои енергетската ситуација е најтешка. Тоа се, пред сè, Киев и Киевската Област, Харков и целата Харковска Област, Черниговската Област, Сумската Област, Днепарската Област и Запорожје“,
објави Зеленски на социјалните мрежи.
Украинскиот претседател потврди дека за време на состанокот најмногу внимание и време му биле посветени на Киев.
„Екстремно тешки околности во Киев: повеќе од 1 200 станбени згради во градот сè уште се без греење“,
се вели во објавата на украинскиот претседател.
Тој изјави дека разговарал со локалните власти и со членовите на владата за тоа како да се добие помош што е можно побргу.
„Досега, сите дискутирани рокови не може да се сметаат за задоволителни, потребно е да се дејствува побргу“,
истакна Зеленски и додаде дека има значителен број луѓе на кои итно им е потребна поддршка, особено во Дарница и во други области од левата страна на Киев.
Зеленски исто така им наложи на украинскиот премиер Денис Шмихаљ и на министерот за финансии Сергеј Марченко да ги анализираат можностите, особено за Киев, итно да се набави сè што е моментно потребно за алтернативно снабдување со електрична енергија и греење.
Според претседателот на Украина, Шмихаљ, кој е и министер за енергетика, е во постојана комуникација со партнерите и заедно со локалните власти треба да ја утврдат листата на дополнителна помош за Украина и можноста за нејзино добивање во наредните денови и недели.
