Руските сили во моментот контролираат околу 75 проценти од Донецката Област и се обидуваат да го заземат остатокот од територијата

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека 20 цивили биле убиени во брутален руски воздушен напад врз село во источна Украина и ја повика меѓународната заедница да одговори со соодветна реакција.
Зеленски рече дека нападот, кој бил директно насочен кон луѓето, обичните граѓани, го погодил селото Јарова во регионот Донецк на 9 септември.
Нападот се случил само неколку часа откако Москва соопшти дека украинските сили извршиле напади со беспилотни летала и ракети врз два града во делови од регионот Донецк под руска контрола, при што загинале две лица, објави РСЕ.
„Според прелиминарните информации, бројот на жртви е повеќе од 20. Немам зборови… Русите продолжуваат да уништуваат животи, но избегнуваат нови силни санкции, нови силни удари. Светот не смее да молчи. Светот не смее да остане пасивен. Соединетите Држави и Европа треба да реагираат. Г20 треба да реагира. Потребна е силна акција за Русија да престане да носи смрт“,
напиша Зеленски во објава на социјалните медиуми.
Повикот на Зеленски за акција доаѓа во време кога контакт-групата за Украина – сојуз од повеќе од 50 земји, вклучувајќи ги сите членки на НАТО и неколку партнери кои не се членки на НАТО – се состанува на состанок во Лондон на 9 септември.
Во меѓувреме во украинските напади загинаа две лица, а 16 се ранети, според Денис Пушилин, висок руски функционер во окупираниот регион.
Украинските сили наводно погодиле цели во градот Донецк и индустрискиот град Макеевка, северно од Донецк, изјави вчера Пушилин.
Безбедносните претставници на окупираните територии изјавија дека во двата напади биле користени најмалку 20 дрона и дека биле активирани единици за воздушна одбрана. Руските новински агенции објавија дека експлозии се слушнале низ Донецк.
Дронот наводно погодил деветкатна станбена зграда во Макеевка, а снимките на социјалните медиуми покажале ракетни напади, вклучително и врз поранешна фабрика за воени системи за надзор во Донецк.
Украинските претставници не коментирале за нападите.
Руските сили моментот контролираат околу 75 проценти од Донецката Област и се обидуваат да го заземат остатокот од територијата.