По потпишувањето, како што наведе тој, документот ќе биде доставен за ратификација до Конгресот на САД и до украинскиот парламент
Во врска со разговорите во Абу Даби, украинскиот претседател изјави дека дискутира за американскиот план од 20 точки и за проблематичните прашања, кои, рече, сега се помалку од претходно
Документот со кој Соединетите Американски Држави (САД) и даваат безбедносни гаранции на Украина е целосно подготвен и Киев чека време и место да го потпише, изјави денеска украинскиот претседател Володимир Зеленски, сугерирајќи дека на разговорите со Русија во Абу Даби викендов сепак бил постигнат одреден напредок, пренесе Ројтерс.

„За нас, безбедносните гаранции се првенствено и најважно безбедносни гаранции од Соединетите Американски Држави. Документот е сто проценти подготвен и чекаме нашите партнери да го потврдат датумот и местото кога ќе го потпишеме“,
изјави украинскиот претседател на прес-конференција за време на посетата на главниот град на Литванија, Вилнус.
По потпишувањето, како што наведе тој, документот ќе биде доставен за ратификација до Конгресот на САД и до украинскиот парламент.
Во петокот и вчера, украинските и руските преговарачи го одржаа својот прв трилатерален состанок заедно со американските медијатори во Абу Даби каде разговараа за рамката на Вашингтон за завршување на речиси четиригодишната војна, за што сè уште не е постигнат договор.
Американски функционер во изјава за навинарите веднаш по завршувањето втората рунда од разговорите вчера рече дека и Москва и Киев се отворени за понатамошен дијалог и дека треба да продолжат со дискусиите веќе следната недела, повторно во Абу Даби.
Во врска со разговорите Зеленски изјави дека имало многу проблематични точки, но, додаде дека сега тие се помалку.
„Се дискутира за американскиот план од 20 точки и за проблематичните прашања. Имаше многу проблематични прашања, но сега ги има помалку“,
изјави украинскиот претседател.
Тој кажа дека Москва се обидува да направи сè што е можно за да ја принуди Украина да ги напушти источните региони што Русија не можеше да ги освои откако ја започна инвазијата на земјата во февраури 2022 година, но, додаде, оти Киев не се откажува од својата позиција за зачувување на територијалниот интегритет.
„Постојат две фундаментално разлилни позиции – украинската и руската. Американците се обидуваат да најдат компромис“,
рече Зеленски.
Украинскиот претседател, во тој контекст, наведе дека двете страни мора да бидат подготвени за компромис, вклучително и Соединетите Американски Држави.
