Денеска украинскиот претседател во Лондон ќе се сретне со британскиот крал Чарлс Трети, а потоа ќе им се придружи на европските сојузници на самитот за безбедност. На состанокот учествуваат лидери од неколку европски земји, меѓу кои Франција, Германија, Данска, Италија и Турција, заедно со претставници на НАТО и на Европската Унија
Лидерите на повеќе европски земји денеска во Лондон ќе одржат вонреден самит на кој главна тема ќе биде безбедносната соработка и обезбедување поголема поддршка за Украина, по драматичниот судир на Киев и Вашингтон на средбата помеѓу американскиот претседател Доналд Трамп и неговиот украински колега Володимир Зеленски во петокот во Белата куќа.
Од средбата меѓу британскиот премиер Кир Стармер и украинскиот претседател Володимир Зеленски во Даунинг стрит во Лондон / Фото: EPA-EFE/CHRIS J. RATCLIFFE / POOL
Европските сојузници на Украина, по тензичната средба во Овалната соба меѓу Трамп и Зеленски, изразија цврста посветеност на одбраната на Украина поради загриженоста дека американскиот претседател би можел да го разочара Киев во преговорите за мир со Русија.
Еден ден откако доживеа бурно „испраќање“ од Белата куќа, украинскиот претседател Володимир Зеленски вчера пристигна во Лондон, каде што беше срдечно пречекан од британскиот премиер Кир Стармер во Даунинг стрит.
Двајцата лидери се прегрнаа пред камерите, а по средбата беше соопштено дека Зеленски обезбедил заем од Велика Британија што ќе ѝ помогне на Украина да ја зајакне својата одбрана, исцрпена по повеќе од три години борба против руската инвазија.
„Благодарам на народот и на владата на Обединетото Кралство за неверојатната поддршка од првиот ден на оваа војна. Среќни сме што имаме такви стратешки партнери со кои ја споделуваме визијата за сигурна иднина за сите“, рече Зеленски, пренесоа светските медиуми.
Денеска, Зеленски во Лондон ќе се сретне со британскиот крал Чарлс Трети, а потоа ќе им се придружи на европските сојузници на самитот за безбедност. На состанокот учествуваат лидери од неколку европски земји, меѓу кои Франција, Германија, Данска, Италија и Турција, заедно со претставници на НАТО и на Европската Унија.
„Сега е време да се обединиме за да обезбедиме најдобар исход за Украина, да ја заштитиме европската безбедност и да ја обезбедиме нашата заедничка иднина“, рече британскиот премиер Кир Стармер.
Од Даунинг стрит соопштија дека на самитот ќе биде нагласена потребата од „силен и долгорочен договор кој носи траен мир“ и ќе се разговара за следните чекори за безбедносни гаранции.
Имајќи ги предвид зголемените стравувања за пресврт во однос на континуираната американска поддршка за НАТО, лидерите на собирот ќе се осврнат и на потребата Европа да ја зајакне сопствената одбранбена соработка.
Вчера додека конвојот на Зеленски вледуваше во Лондон, тој беше пречекан од голем број поддржувачи кои го поздравија.
Британскиот премиер, Стармер и украинскиот претседател, Зеленски пред Даунинг стрит 10 / Фото: EPA-EFE/NEIL HALL
„Дозволете ми само да кажам дека сте многу, многу добредојдени овде во Даунинг стрит. Како што слушнавте од овациите на улиците, ја имате целосната поддршка од целото Обединето Кралство. Ова е доказ за тоа колку нашите луѓе стојат со вас и колку ја поддржуваат Украина“, рече Стармер, пред 75-минутниот разговор со Зеленски зад затворени врати.
Од кабинетот на украинскиот претседател беше соопштено дека на средбата било разговарано за позицијата на Украина и како да се стави крај на војната со „траен и праведен мир што нема да ѝ дозволи на Русија да го искористи прекинот на огнот за да се вооружува и повторно да нападне“.
Британскиот премиер и украинскиот премиер, исто така, соопштина дека е постигнат договор за заем од 2,26 милијарди фунти за зајакнување на одбраната на Украина, кој ќе се финансира со профит од замрзнати руски средства.
„Парите ќе одат за производство на оружје во Украина. Тоа е вистинска правда. Кој ја започнал војната мора и да плати за неа“, рече Зеленски.