Од почетокот на инвазијата Зеленски секојдневно се обраќа до нацијата споделувајќи информации за ситуацијата и охрабрувајќи ги да издржат во најтешките времиња за земјата
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, денеска повторно им се обрати на своите граѓани и им оддаде им признание за нивната одговорност и храброст во спротивставувањето на руската агресија.
„Кога се кандидирав за претседател реков дека секој од нас е претседател. Затоа што сите сме одговорни за нашата земја. За нашата прекрасна Украина. И сега се случи секој од нас да биде воин. Воин на негово место. И сигурен сум дека секој од нас ќе победи. Слава на Украина!“, порача меѓудругото тој во обраќањето објавено на социјалните мрежи.
Во видео изјавата Зеленски исто така ги повика руските војници да го остават оружјето.
„Оставете ја вашата опрема. Заминете одовде. Не им верувајте на вашите команданти. Не им верувајте на вашите пропагандисти. Само спасете ги животите“,
рече тој.
Украинскиот лидер исто така рече дека властите ќе ги ослободат осудениците со борбено искуство за да можат да помогнат во одбраната на земјата.
„Ние донесовме одлука која не е лесна од морална гледна точка, но која е корисна од гледна точка на нашата одбрана“,
рече тој.
Од почетокот на инвазијата Зеленски секојдневно се обраќа до нацијата споделувајќи информации за ситуацијата и охрабрувајќи ги да издржат во најтешките времиња за земјата.
Тој денеска нема да присуствува на преговорите со руската страна на белоруската граница, туку ќе остане во земјата.
Украинската армија соопшти дека Москва го забавила темпото на офанзива, на петтиот ден од нападот врз Украина.
„Руските окупатори го забавија темпото на офанзивата, но и натаму се обидуваат да постигнат напредок во некои зони“,
се наведува во соопштението на Генералштабот на украинската војска.