Зеленски повторно го повика Путин на разговори, нагласувајќи дека тоа е единствен начин за да се заврши војната во Украина
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во своето обраќање кон медиумите побара од западните партнери да испратат борбени авиони во Украина.
„Ако немате моќ да го затворите небото над Украина, тогаш испратете воени авиони, бидејќи ако падне Украина следна цел на напад ќе бидат Летонија, Литванија и Естонија“,
рекол Зеленски.
Како што истакал Зеленски, овие земји се членки на НАТО, па според него ако Русија изврши инвазија на некоја од овие балтички земји, веднаш ќе започне војна со сите членки на Алијансата.
Зеленски истакна дека единствен начин да оваа војна да се заврши се директни разговори со Владимир Путин.
„Ние не ја напаѓаме Русија и немаме намера да го направиме тоа. Што сакате од нас? Напуштете ја нашата земја“,
додаде Зеленски.
Тој го повика Путин на разговор со него, но не на оддалеченост од 30 метри како со Макрон, алудирајќи на долгите преговори со функционерите од Западот кои го водеше рускиот претседател неодамна.
Од друга страна, вечерва во тек е и втората рунда мировни преговори помеѓу делегациите на Украина и Русија, а Зеленски во својот говор нагласи и дека Украина е подготвена да преговара за сите точки.