Тој во своето обраќање се заблагодари за сплотеноста на Европа во поддршката за Украина, но потоа во свој карактеристичен стил упати критика до европските лидери за задоцнетата реакција во запирањето на руската агресија
Украинскиот претседател Володимир Зеленски синоќа имаше обраќање пред шефовите на држави во Европскиот совет во Брисел, при што зборуваше за нанесените штети и уништувањето на Украина од страна на руските сили, но и се заблагодари за сплотеноста на Европа во поддршката за Украина.
„Руската војска не гледа што е достоинство. Не знае што е совест. Не разбира зошто толку ја цениме нашата слобода. Тоа е она што одредува како ќе живее земјата. Цели градови, села, се до пепел изгорени. Ништо не остана. Руската војска уби новинари, иако на нив имаше напишано ‘прес’. Можеби не се научени да читаат. Само да убиваат“,
истакна Зеленски.
Тој во своето обраќање посочи оти од почетокот на воената офанзива руската војска уништила 230 училишта, 155 детски градинки и убила 128 деца во Украина, а потоа во свој карактеристичен стил упати критика до европските лидери за задоцнетата реакција во запирањето на руската агресија.
„Воведовте санкции. Благодарни сме. Тоа се силни чекори. Но, беше малку задоцнето … постоеше шанса“,
рече Зеленски додавајќи дека доколку имало превентивни санкции Русија можеби не би влегла во војна и посочи оти доколку гасоводот „Северен тек 2“ бил блокиран, Русија не би создала енергетска криза.
Меѓу другото, украинскиот лидер од соседните држави побара да го поддржат барањето на Украина за придружување кон ЕУ.
Воедно, во своето обраќање, Зеленски им се заблагодари на земјите-членки на Унијата за поддршката, но не и на Унгарија. Тој го повика унгарскиот претседател Виктор Орбан да се определи каков ќе биде неговиот однос кон Русија.
„Мислите ли да воведете санкции или не? Се двоумите дали ќе дозволите оружје низ вашата земја или не, дали ќе тргувате со Русија или не? Нема време за двоумење, веќе е време да се решите“,
рече Зеленски.