Средбата, како што се додава во написот, ќе биде последен обид да се слушнат европските барања пред Доналд Трамп да се сретне со Владимир Путин за да разговараат за прекинување на војната во Украина

Украинскиот претседател Володимир Зеленски се очекува денеска на Даунинг стрит да се сретне со британскиот премиер Кир Стармер, пишува Би-би-си.
Средбата, како што се додава во написот, ќе биде последен обид да се слушнат европските барања пред Доналд Трамп да се сретне со Владимир Путин за да разговараат за прекинување на војната во Украина.
Зеленски и другите европски лидери, кои не присуствуваат на состанокот, вчера имаа заеднички телефонски разговор со Трамп, потврдувајќи го својот став.
„Во разговорот Стармер рече дека територијалниот интегритет на Украина мора да биде заштитен и дека меѓународните граници не смеат да се менуваат со сила. Постои ‘одржлива шанса’ за прекин на огнот меѓу Русија и Украина“,
се вели во написот.
Тој вели дека „секое примирје би морало да биде трајно и за да биде трајно, ќе му требаат безбедносни гаранции“.
„Затоа ја формиравме оваа коалиција на оние што се подготвени“,
додава Стармер.
Неформалното име „Коалиција на подготвените“ се однесува на група европски земји, заедно со Австралија, Канада и Нов Зеланд, кои се залагаат за испраќање мировни сили во источна Украина како безбедносна гаранција откако ќе се постигне мир меѓу Киев и Москва.
Стармер рече дека коалицијата има подготвени „кредибилни“ воени планови што би можеле да се користат во случај на прекин на огнот.
По вчерашната виртуелна средба на Зеленски и европските лидери со Доналд Трамп, францускиот претседател Емануел Макрон рече оти Трамп изјавил дека Украина мора да биде вклучена во разговорите за територијата како дел од секој договор за прекин на огнот со Русија.
Тврдењето на Макрон претставува прв показател за исходот од разговорите меѓу Трамп, европските лидери и украинскиот претседател Володимир Зеленски, со цел обликување на состанокот на Трамп со рускиот претседател Владимир Путин, што ќе се одржи в петок во Алјаска.
Трамп по средбата рече дека ако неговата средба со рускиот лидер Владимир Путин в петок помине добро, веројатно брзо ќе побара втора средба, но овојпат со украинскиот претседател Володимир Зеленски.