Негова проценка е дека овој напад претставува безбедносен предизвик за Варшава, Букурешт, Будимпешта и за други европски метрополи
Украинскиот претседател Володимир Зеленски го осуди последниот руски напад врз Украина во кој беше употребена балистичката ракета со среден дострел „орешник“, барајќи итна реакција и од меѓународната заедница.

Овие акции, како што посочи, покажуваат дека Русија воопшто не се грижи за дипломатијата и мировните напори на Соединетите Американски Држави (САД).
„Неопходен е јасен одговор од меѓународната заедница, пред сè од САД“,
рече Зеленски на Телеграм, барајќи Русија да ја добие пораката дека нејзина должност е да се фокусира на дипломатијата.
Според него, Русија ги користи временските услови, односно студениот бран и се обидува да погоди што е можно повеќе украински енергетски капацитети.
Посочи дека од најновата серија напади се погодени градовите Днепар, Запорожје, Криви Риг и Одеса, како и Киев.
Нападот доведе до масовни прекини на електричната енергија, бидејќи земјата се бори со ниски температури.
Главна тактика на Москва, како што рече, е да предизвика целосен прекин на снабдувањето со електрична енергија, вода и греење во нападнатите градови.
Негова проценка е дека овој напад претставува безбедносен предизвик за Варшава, Букурешт, Будимпешта и за други европски метрополи.
Русија ја употреби ракетата „орешник“ во напад на областа на Лавов, на околу 60 километри од границата со Полска, во кој загинаа четири лица.
Нападот со таа ракета беше осуден од Германија и високата претставничка на Европската Унија за надворешна политика и безбедност, Каја Калас.
„Орешник“ е балистичка ракета со среден дострел помеѓу 500 и 5 500 километри, а може да развие брзина до 10 маха, што го отежнува нејзиното пресретнување. Ова е втор пат Москва да ја користи оваа ракета. Првпат беше употребена во ноември 2024 година, кога погоди индустриски објект во Украина.
