Володимир Зеленски во интервју на Ен-би-си, за време на Минхенската безбедносна конференција, експресно отфрли прифаќање мировен договор без учество на Украина
Во пресрет на сè поинтензивните информации што доаѓаат од администрацијата на Доналд Трамп, како и неговата најава дека со претседателот на Русија, Владимир Путин, разговарале за решение за Украина, Володимир Зеленски во интервју на Ен-би-си, за време на Минхенската безбедносна конференција, експресно отфрли прифаќање мировен договор без учество на Украина.
„Никогаш нема да прифатам какви било одлуки меѓу САД и Русија за Украина, никогаш. Тоа е војна во Украина, против нас, нашите човечки жртви се во прашање“,
рече Зеленски.
Иако неколку советници за надворешна политика на Трамп деновиве декларативно ја исклучија Европа од разговорите, Зеленски ги повика европските сојузници да се приклучат и предупреди на можни последици доколку Русија не биде запрена.
Украинскиот претседател особено предупреди дека САД не треба да го напушти НАТО бидејќи без нивно присуство се зголемува опасноста од голем руски напад на Европа, притоа споменувајќи ги воените активности во Белорусија и ризикот за Полска и Литванија.
„Постои ризик Путин да ги нападне Полска и Литванија бидејќи веруваме дека ќе води војна против НАТО“,
рече Зеленски.
Сепак, Зеленски го предупреди Трамп дека во разговорите со Путин секогаш мора да остане лојален кон Украина.
„Сакам Украина да му биде приоритет на Трамп, а не Русија. Се надевам дека сме поважни“,
рече Зеленски.
Сепак, тој призна дека може да се разгледа дипломатски договор доколку тоа значи членство на Украина во НАТО.