Во решението на одлуката како причина за најавената сеча на 113 дрвја, меѓу кои – јавори, багреми, тополи, јасени – се наведува нивната лоша состојба. Се посочува дека дрвјата се целосно суви, шупливи, заболени и нападнати од габи-деструктори, а оти со тоа претставуваат опасност за околината поради потенцијално паѓање
Граѓанската иницијатива „Зелен хуман град“ (ЗХГ), која е дел од Советот на Град Скопје, објави дека со решение на градоначалникот на Скопје ќе се сечат 113 дрвја во Градскиот парк.

Во решението на одлуката како причина за најавената сеча на 113 дрвја, меѓу кои – јавори, багреми, тополи, јасени – се наведува нивната лоша состојба. Се посочува дека дрвјата се целосно суви, шупливи, заболени и нападнати од габи-деструктори, а оти со тоа претставуваат опасност за околината поради потенцијално паѓање.
Од ЗХГ информираат дека од Град Скопје побарале детално мапирање на секое дрво опфатено во решението, како и детално објаснување зошто секое едно треба да биде исечено.
„Без разлика дека на нивно место ќе се засадат 300+ нови дрвја не помлади од шест години, замена на децениски дрвја е невозможна – и за животната средина, и за сенката, и за кислородот и за екосистемот. Затоа на секаква интервенција врз зеленилото, од кое и така има огромен недостиг во Скопје, мора да се пристапи премногу внимателно! Животот на едно дрво нормално е да има крај, но мора многу претпазливо да се пристапи кон вака драстично менување на последната скопска оаза – Градскиот парк“,
велат од иницијативата.
Оттаму дополнуваат дека добиле и покана од Секторот за комунални работи да ги разгледаат извештаите од шумските инженери за секое дрво и да направат заедничка обиколка низ Градскиот парк за да се објаснат состојбите и причините за сеча на дрвјата.
„Поканата ја прифаќаме, и штом истата се договори, ќе објавиме јавно за секој да може да присуствува на истата“,
додаваат од ЗХГ.