Граѓанската иницијатива „Зелен хуман град“ изработи претставка против изградбата на висококатници на паркингот спроти „Холидеј ин“, која денеска ќе ја поднесат до Иннспекцискиот совет.
Претставката се однесува на, како што велат, незаконски издаденото одобрение за градба и незаконски применуваниот ДУП кај Холидеј Ин, што граѓанаската иницијатива ја адресираше и до Државен инспекторат за градежништво и урбанизам и Државен инспекторат за локална самоуправа.
„Вчера ве повикавме електронски да ја испратите претставката / иницијативата за вонреден инспекциски надзор, која во моментов е ЕДИНСТВЕНИОТ НАЧИН за стопирање на процесот на градба на висококатници на паркингот кај Холидеј Ин. Сега ве повикуваме да им се приклучите на нашите активисти со ФИЗИЧКО ПОДНЕСУВАЊЕ на оваа претставка во Инспекцискиот Совет. Испечатете копија од документот и дојдете помеѓу 10 и 11 часот на ул. Даме Груев 3, блок 2, локал 5 (зад Собрание, види мапа) и во живо изразете го вашето незадоволство од загушувањето на Скопје. Ние ќе бидеме таму да ве пречекаме и да ви помогнеме да ја најдете канцеларијата, за заеднички да се спротивставиме на ова зло. Зошто физичко поднесување? Затоа што ваквиот начин на јавно изразување на протест ќе има поголем ефект на притисок кон властите, и ќе ја подигне свеста кај останатите граѓани за проблемот со просторот кај Холидеј Ин. Придружете ни се во битката против урбаната мафија и масакрот на Скопје“,
велат од граѓанската иницијатива.
Во претставката е детално аргументирано од што точно произлегуваат законските прекршувања, а наведени се и стручните аргументи од Елаборатот за суспензија што го изработија стручните служби во Општина Центар.
„Ги повикуваме сите одговорни граѓани, сите совесни жители на Скопје да ни се придружат во борбата да ги спречиме чудовишните градби кај Холидеј Ин! Да не дозволиме повеќе манипулирање со надлежности и навреда на нашата интелигенција!“,
вели Драгана Велковска од граѓанската иницијатива која е и советник во Град Скопје.