„Се декларирате како патриоти, не постои попатриотски чин од заштита на животот и здравјето на жителите на Македонија, од заштита на животната средина. Секоја следна година се давиме во сè повеќе отпад и дишеме сѐ позагаден воздух од кој умираат илјадници луѓе годишно. На власт се луѓе за кои нашите животи немаат никаква вредност“, велат од ЗХГ
Според „Зелен хуман град“, со решението што го нудат ќе се отстрани коренот на проблемот. Велат дека тоа е решение со кое депонирањето веќе нема да биде практика во Македонија за да има потреба да се трошат повторно јавни пари за физички да се обезбедуваат депониите или да се гасат пожари

Граѓанската иницијатива „Зелен хуман град“ (ЗХГ) ја критикува изјавата на премиерот Христијан Мицкоски дека неговата партија ќе барала фирма за јавно-приватно партнерство за управување со депонијата „Дрисла“.
Според нив, овој потег е доказ дека власта ги смета граѓаните за лоботомирани, игнорирајќи го неуспехот од претходното такво партнерство, за кое велат дека донесе „една деценија изгубена и нула од ветените инвестиции“.
„Неговата партија веќе го спроведе ’решението’ со јавно-приватно партнерство за ’Дрисла’. И што ни донесе тоа? Отпадот во рацете на криминалци кои според јавно достапните информации извршиле нерегулиран увоз на контејнери со отпад“,
се вели во соопштението.
Реакцијата на „Зелен хуман град“ доаѓа откако вчера премиерот рече дека при секој обид за решавање на проблемот со депониите и изградба на регионални центри за складирање и преработка на отпадот се појавувале невладини организации и политичари кои реагирале зошто баш кај нив да се гради таков капацитет.
„Сите велиме не сакаме отпад, но отпад создаваме. Тој отпад треба негде да се одлага. Таму каде што треба да се одлага прво имаме невладини кои коментираат зошто баш кај нас да се одлага. Имаме политичари кои што мислат дека на дневна основа ќе добијат некој политички поен па ќе напаѓаат зошто баш кај нас да се одлага. Имаме трета група луѓе кои сѐ што ќе направи Владата велат не чини, а тоа е во суштина работа која е наследена од минатото“,
рече Мицкоски.
Наместо да се потпираат на јавно-приватно партнерство, од „Зелен Хуман Град“ велат дека концептот на „нула отпад“ е единствено одржливо решение за справување со депониите и загадувањето.
„Се декларирате како патриоти, не постои попатриотски чин од заштита на животот и здравјето на жителите на Македонија, од заштита на животната средина. Секоја следна година се давиме во сè повеќе отпад и дишеме сѐ позагаден воздух од кој умираат илјадници луѓе годишно. На власт се луѓе за кои нашите животи немаат никаква вредност“,
велат од „Зелен хуман град“ во реакцијата објавена на нивната фејсбук-страница.
Оттаму додаваат дека не се бунат невладините организации, туку жители на градот.
„Не сме ние невладини што се бунат, ние сме жители на овој град и нема да дозволиме да ви плаќаме за да нѐ труете и да нѐ убивате. Со години нудиме решенија за третман на отпадот во Македонија што освен што ќе гарантира заштита на нашето здравје и нашите животи, ќе гарантира и заштита на животната средина“,
велат од граѓанската иницијатива.
Според „Зелен хуман град“, со решението што го нудат ќе се отстрани коренот на проблемот. Велат дека тоа е решение со кое депонирањето повеќе нема да биде практика во Македонија за да има потреба да се трошат повторно јавни пари за физички да се обезбедуваат депониите или да се гасат пожари.
Едно од решенијата, како што велат е биокомпостирање.
„Во Скопје, меѓу 60 и 80 отсто од вкупниот комунален отпад е биоотпад. Со обезбедување дисперзирани компостари во секое маало, овој отпад би се трансформирал во компост или биогас, со што би се елиминирале 60-80 проценти од отпадот што завршува на депониите и би се намалиле трошоците за транспорт“,
велат оттаму.
Другите решенија што ги нудат се постројки за преработка на градежен шут, ефективна примарна селекција на отпад, работилници за поправка и реупотреба, извоз на остатокот од отпадот.
Според „Зелен Хуман Град“, јавно-приватното партнерство е форма на „капиталистички екстрактивизам“, каде јавните добра се претвораат во пазар за профит. Тие тврдат дека приватните компании немаат интерес да ја намалат количината на отпад, бидејќи тоа го намалува нивниот профит.
„Приватникот инвестира минимално, а извлекува максимален профит преку буџетска поддршка и субвенции. Тоа е класична форма на приватизација на јавното на мала врата“,
се додава во соопштението.