Јас и мојата фамилија сега сме живи и здрави и сме дома, соопшти потпретседателот на СДСМ, Мухамед Зекири, кој заедно со сопругата и тримесечната ќерка беше заразен со ковид-19 и хоспитализиран.
„На оние кои и натаму мислат дека вирусот не постои и сè уште имаат несериозен пристап кон ковид-19, сакам да им порачам дека е крајно време да се освестат! Само со сериозен пристап кон алармантната ситуација низ која поминуваме како општество, со свест и совест, може да се спасат себеси, блиските и други недолжни луѓе! Искрено посакувам ниту еден од вас да не мора да помине низ тоа што го поминав јас со моето семејство. Тоа не би му го посакал ниту на мојот најголем непријател“,
вели Зекири.
Во неговата објава тој им се заблагодарува на докторите и на останатиот медицински персонал од Инфективната клиника, кои, како што вели, се жртвуваат за пациентите и продолжуваат да го прават тоа.
