Од здружението велат дека очекуваат оваа манифестација да постави темел на нова, јазично креативна динамика во македонскиот јазик
Инаку, здружението е формирано, како што велат самите, како група на млади „зборољубители“ на македонскиот јазик, со идеја за создавање и промовирање нови зборови кои ќе го збогатат секојдневниот говор
Здружението „Зборци“ в сабота (13 септември) ќе ја организира првата „Зборотворба на годината“. Како што информираат од Здружението станува збор за настан посветен на македонскиот јазик, креативноста и уметноста, а се одржува токму во годината кога Македонија ја прославува 80-годишнината од официјалната кодификација на македонскиот јазик.

На настанот ќе бидат доделени три награди – за прво, второ и трето место во изборот за „Збор на годината“.
На конкурсот, според Здружението, биле пријавени повеќе од 400 збора, а жири-комисија составена од професори, лектори, текстописци и поети ги одбрала трите најкреативни.
Дополнително, на крајот на манифестацијата присутната публика ќе има можност да го изгласа својот фаворит за „Збор на публиката“.
Настанот ќе се одржи во дворот на Студентскиот дом „Гоце Делчев“ и ќе започне во 19 часот со дискусија на тема „Македонскиот јазик – минато, сегашност и иднина“, на која панелисти ќе бидат Ѓорѓи Јолевски од Македонскиот народен театар (МНТ), Тамара Ќупева од Институтот за македонска литература и Александра Гецовска од Институтот за македонски јазик.
По доделувањето на наградите, вечерта посветена на славење на македонскиот јазик ќе биде заокружена со настапи на неколку млади и прогресивни бендови од земјава.
Од здружението „Зборци“ велат дека очекуваат оваа манифестација да постави темел на нова, јазично креативна динамика.
„Кога го формиравме ‘Зборци’, нашата идеја беше едноставна, да создадеме и да промовираме нови зборови во македонскиот јазик. Со текот на времето сфативме дека тоа значи нешто многу подлабоко: создавање нови мисловни патеки и начини на изразување. Зборови како ‘југосапиенс’, кој ја носи носталгијата на една цела генерација, или ‘разликоприфаќање’, кој говори за патот кон прифаќање на различноста покажуваат дека јазикот има моќ да отвора нови хоризонти. Јазикот е наша татковина и наше огледало, а преку новите зборови имаме можност да ја пишуваме историјата на иднината. Со ‘Зборотворба на годината’ сакаме да ги отвориме токму тие патеки и да ја ослободиме креативната сила на нашиот јазик,“
велат основачите на „Зборци“.
Инаку, здружението е формирано, како што велат самите, како група на млади „зборољубители“ на македонскиот јазик, со идеја за создавање и промовирање нови зборови кои ќе го збогатат секојдневниот говор.
Со текот на времето, иницијативата прераснала во здружение кое се стреми да го афирмира македонскиот јазик и неговата разновидност, од современи неологизми до богатството на нашите дијалекти. Досега здружението „Зборци“ ја има реализирано серијата „Збор на неделата“, како и јавни настани и дискусии, објавени видеа. Велат дека досега собрале стотици предлози за нови зборови. Главната цел, како што велат од здружението, им останува иста – јазикот да се доживува како жив, динамичен и креативен организам, кој ја носи иднината исто колку што го чува минатото.
„Нашата работа не е само создавање зборови, туку отворање на нови концепти. ‘Просторитет’, на пример, зборува за потребата од простор за достоинствен напредок; ‘отклучок’ е спротивност на заклучок, неопходен за да ги ослободиме идеите и можностите; додека ‘општоумност’ е визија за пошироко општествено разбирање. Овие зборови не се само јазични игри, тие се обиди да се понуди нова мисла и нова перспектива. ‘Зборци’ постојано ќе се стремат да го афирмираат македонскиот јазик како жив, динамичен и креативен организам,“
додаваат основачите на здружението.

Жири-комисијата која ги избрала зборовите на годината е во состав:
● Татјана Ефтимовска – лекторка и професорка по македонски јазик во гимназијата НОВА;
● Ирина Јакимовска – професорка на Институтот за етнологија и антропологија;
● Андријана Јанкова – истражувачка на Институтот за македонски јазик;
● Бранислав Николов (Фолтин) – музичар, писател и поет;
● Андреј Медиќ Лазаревски – поет и претставник на „Култура Бета“;
● Игор Антов и Виктор Бучковски – претставници на „Зборци“.
Партнери и поддржувачи на манифестацијата се: „Сава пензиско“, „Алкалоид“-Скопје, „Слободен печат“ и ИРЛ – Истражувачка репортерска лабораторија.
Влезот за манифестацијата е слободен и отворен за сите посетители.