Од Здружението се оградија од секој корумпиран носител на судска функција кој со своето незаконско постапување го нарушува угледот и интегритетот на судскиот систем и побараа почитување и заштита на угледот и достоинството на чесните судии
Здружението на судии ги oхрабри институциите да спроведат темелна и транспарентна истрага за случајот со скопскиот апелациски судија Ѓоко Ристов во чиј семеен дом беа пронајдени 350 000 евра. Оттаму изразија очекување истрагата да ги утврди сите релевантни факти и околности како и евентуална вклученост на други лица.

„Ваков принципиелен и одговорен пристап треба да биде применет и кон сите други општествени чинители и функционери кои се склони кон коруптивно однесување, бидејќи токму ваквите појави со години придонесуваат за губење на довербата на граѓаните во институциите и во системот во целина“,
велат од Здружението на судии и изразуваат поддршка во борбата против организиран криминал и корупција.
Случаите со корупција во судството, додаваат оттаму, не смеат и не треба да се поврзуваат со судиите кои чесно, професионално и одговорно ја извршуваат функцијата, а кои се огромно мнозинство во судството. Од Здружението на судии велат дека се оградуваат од секој корумпиран носител на судска функција кој со своето незаконско постапување го нарушува угледот и интегритетот на судскиот систем.
„Бараме целосно почитување и заштита на угледот и достоинството на чесните судии, како и воздржаност од генерализации кои дополнително ја поткопуваат довербата на граѓаните во правосудниот систем. Како здружение остануваме посветени на јакнењето на владеењето на правото, независноста и интегритетот на судството, како и враќањето на довербата на граѓаните во правдата и институциите“,
велат оттаму.
Сепак, од Здружението потенцираат дека во секоја постапка мора да се почитува начелото на презумција на невиност како еден од темелните принципи на владеењето на правото и правната држава.
На скопскиот апелациски судија Ѓоко Ристов вчера му беше одреден куќен притвор и му беше одземен пасошот откако викендов во акција на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) беа пронајдени 350 000 евра во домот на неговите родители во Неготино.
