Од Министерството за правда, пак, велат дека ја запознале Владата со писмото и посочуваат дека сите вакви дописи прво се разгледуваат од страна на кризниот штаб. Засега, велат, нема никаква одлука по ова барање
Уредбата со која се кратат платите на јавните обвинители е спорна, намалувањето на платите е неопходно за сите да го понесат товарот, меѓутоа тие не треба да бидат во висина на минималецот од 14 500.
Вака во една реченица може да се сублимира ставот на Здружението на јавни обвинители, изнесен во писмото кое претседателот на ова тело Тодор Витларов го испратил до министерката за правда Рената Дескоска.
Писмото Здружението го објави денеска откако вчера реакции и барање за измени во Уредбата имаше и од Здружението на судии, кое најави дека ќе ја оспори и пред Уставниот суд.

Во писмото Здружението на јавни обвинители бара Дескоска да ги запознае останатите членови на Владата со неговата содржина и да се направи измена на уредбата.
„Намалувањето на платата на јавните обвинители да биде во определен процент за месеците април и мај 2020 година, но таа да не изнесува на ниво на загарантираниот личен доход од 14 500 денари“,
бараат обвинителите.
Претходно, тие ѝ потенцираат на Дескоска дека работата на јавните обвинители не само што не е намалена, туку е и зголемена. Во таа насока, тие потенцираат дека нивната работа не е замрзнат туку интензивно работат и во вакви вонредни околности во кои приоритет им даваат на кривичните пријави кои се однесуваат на прекршувањето на мерките и кои се против здравјето на луѓето.
Јавното обвинителство, велат од Здружението, е клучен сегмент на кривичното гонење на прекршителите на овие мерки, но на превенцијата. Обвинителите, продолжуваат, ја координираат и насочуваат работата на полицијата и другите органи за откривање на сторителите. Исто така, поднесуваат предлози за казни за овие прекршители до судовите, а ако обвинетите имаат приговор тогаш се должни да се појават и на главните расправи во судниците.
„Во овие вонредни околности јавното обвинителство, исто така, ја извршуваат својата надлежност во решавањето на кривичните пријави против останатиот вид на криминалитет. Обвинителите електронски работата од дома, но определени постапувања бараат нивно непосредно учество при вршење на увиди на самото место и присуствуваат на сите закажани главни расправи од страна на судовите“,
пишува во писмото.
Спорноста од правен аспект на Уредбата, пак, Здружението ја гледа повикувајќи се на Законот за јавно обвинителство (член 73) во кој, како што потенцира, пишува дека намалувањето на платата е „возможно само како дисциплинска мерка по спроведена дисциплинска постапка“.
Писмото, кое е објавено денеска, е испратено откако Извршниот одбор на Здружението на јавни обвинители на 13 април одржало електронски состанок и донело заклучок да се реагира до ресорната министерка.

Од Министерството за правда, пак, велат дека ја запознале Владата со писмото и посочуваат дека сите вакви дописи прво се разгледуваат од страна на кризниот штаб. Засега, велат, нема никаква одлука по ова барање.
Писмо до Владата и до премиерот Оливер Спасовски, испратија и од Здружението на судии барајќи да се смени Уредбата и да им се овозможи тие сами, преку своите органи – Судскиот совет и Судскиот буџетски совет, на доброволна основа да отстапат дел од своите плати.
И тие сметаат дека Уредбата е спорна бидејќи е спротивна на Уставот каде се гарантира независноста на судската власт, како и на Законот за плати на судиите (член 2, став 2) во кој пишува дека платите на судиите не може да се намалат со закон или со одлука на државен орган.
Премиерот Спасовски вчера, исто така, ги коментираше ваквите барање велејќи дека сите забелешки ќе се разгледаат.

„Ние донесовме уредба и таа уредба е на сила. Доколку имаме разговори за измени и дополнувања, во случајот со Здружение на судии, сите забелешки ќе ги разгледаме на Влада и ако има некаква измена навремено ќе известиме“,
рече Спасовски.
Уредбата беше донесена на седница на Владата на 7 април, а објавена во „Службен весник“ на 9 април. Покрај судиите и обвинителите, на минималец се ставени и другите избрани, именувани и назначени лица во јавниот сектор – пратеници, шефот на државата, министри, градоначалници.