Инженерите на протест крај Камениот мост во Скопје порачаа дека овој проект треба да биде воден од државата, а не да се дава на која било друга држава
Под мотото „Чебрен и водите мораат да бидат македонски“ денеска во Скопје претставници на Здружението на инженери изразија незадоволство од владината одлука за доделување на концесија за користење на водата на Црна Река за производство на електрична енергија на грчката компанија ППЦ „Архиродон“.
Професорот Константин Димитров во изјава за медиумите рече дека овој проект треба да го води државата, а не да се дава на која било друга држава.
„Ако веќе се прави партнерство, Македонија треба да биде најмалку 51 процент сопственик, да може да управува, да раководи и профитот од тоа сепак да остане, генерално, во Македонија“,
изјави Димитров.
Инженерите велат дека хидроцентралата „Чебрен“ е еден од најголемите и најважните енергетски проекти на државата и кога за четири години поради зелената транзиција треба да престанат да работат РЕК „Осломеј“ и РЕК „Битола“, тогаш „Чебрен“ треба да ѝ овозможи на државата енергетска независност.
„Велат дека таа хидроцентрала ќе се даде на 60 години на странски инвеститор на користење, а РЕК ‘Битола’ сега има 40 и нешто години и веќе се случуваат многу големи хаварии“,
изјави инженерот Мустафоглу.
Инаку, со одлука на Владата на 14 септември се овозможи реализација на реверзибилната хидроцентрала „Чебрен“ на Црна Река, со што треба да се стави крај на еден од најголемите енергетски проекти во земјава на кој се чека три децении.
Предвидено е „Чебрен“ да има функција на производство на електрична енергија, како и режим на пумпање и враќање на водата назад, со што на Црна Река е предвидено создавање на ново вештачко езеро, кое ќе биде најголемо во нашата држава. Според информациите од владината прес-служба, проценетата вредност на инвестицијата е околу една милијарда евра со која е предвидена изградба на реверзибилна хидроцентрала „Чебрен“, со инсталиран капацитет од најмалку 333 мегавати. Градежните работи ќе почнат откако ќе се заврши со проектирањето и обезбедувањето на потребните документи, а предвидено е таа да се изгради за седум години, по што би почнало производството на струја.
„Владата на 185. седница донесе Одлука за избор на најповолна понуда за доделување концесија за користење вода за производство на електрична енергија со изградба на хидроелектрични централи на Црна Река која се доделува на понудувачот ‘Публик пауер корпорејшн С.А и Архиродон груп Н.В.’ од Грција (PUBLIC POWER CORPORATION S.A. – Greece & ARCHIRODON GROUP N.V. – Greece), односно ‘ППЦ-Архиродон’, а во согласност со тендерската документација и договорот за концесија кој беше дел на тендерската документација“,
стоеше во соопштението од владината прес-служба.
Во информацијата од Комисијата се наведува дека понудувачот „ППЦ-Архиродон“ е избрана за најповолна, со оглед на тоа што ги исполниле условите содржани во јавниот повик и тендерската документација и доставиле најповолна понуда.
„Според донесената Одлука, избраниот понудувач има обврска во рок од три месеци да го склучи Договорот за заедничко вложување и да основаат акционерско друштво со АД ЕСМ, во коешто АД ЕСМ учествува со 33 отсто од акционерскиот капитал. Регистрираното друштво е должно во согласност со одредбите на Законот за водите, а пред потпишување на договорот за концесија, да обезбеди дозвола за користење на водата“,
велат од Владата.
Според информациите од Владата, „Чебрен“ е од исклучително значење за енергетската транзиција на земјава и регионот поради можноста за балансирање на обновливите извори на енергија. Воедно, додаваат оттаму, ќе има огромно значење и за заштита од поплави, водоснабдување, земјоделство и слично со висина на браната од 192 метри, со што ќе биде една од највисоките во светот.
Идејата и проектирањето за големиот хидроенергетски проект „Чебрен“ започнува со првите физибилити студии во 60-тите години од минатиот век. Според Информацијата од Министерството за животна средина и просторно планирање, тие се започнати уште од 1964 година, со тоа што во 1986 се склучени договори за изработка на инвестициско-техничка документација за ХЕ „Чебрен“. Последниот јавен повик, пред тековниот, е објавен во 2016 година. Досега имало 13 неуспешни тендери во период од последните 20 години. Постојниот јавен повик е четиринаесетти обид за доделување концесија на Црна Река, прецизираат од Владата.