Прашан дали промени ќе има и во пониските ешалони, со оглед на тоа што само тројца функционери од Алијанса за Албанците имаат поднесено оставки, Мицкоски рече дека прашањето за промени во пониските ешалони е стратешка тема за која дополнително ќе се разговара, земајќи ги предвид претстојните локални избори

Премиерот Христијан Мицкоски вели дека секторот здравство останува во коалицијата ВЛЕН и додава дека предлог за нов министер очекува да добие до крајот на неделата, а кандидатот ќе биде доставен до Собранието в понеделник или вторник.
„Вчера, по одржувањето на владината седница, имавме коалициска координација, разговаравме за тоа што не очекува во периодот што е пред нас. Како краен рок го дадовме крајот на оваа недела за да ги дефинираме кадровски решенија и во понеделник или вторник јас да ги доставам до Собранието“,
рече Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања по неговата посета на ЈЗУ УК Гинекологија и акушерство Скопје.
За вчерашните негови изјави дека доколку не му се допадне предлогот од ВЛЕН може и да не го прифати и дали сепак е можно да има рокади, Мицкоски рече дека е логично премиерот да каже „не“ доколку со некоја личност не може да се соработува.
„Логично е како премиер да имам право доколку со некоја личност не можеме да соработуваме да кажеме не, бидејќи принципот во Владата сега работи на поинаков начин, сега работиме за граѓаните без разлика на политичка или етничка припадност“,
изјави Мицкоски.
Прашан дали промени ќе има и во пониските ешалони, со оглед на тоа што само тројца функционери од Алијанса за Албанците имаат поднесено оставки, Мицкоски рече дека прашањето за промени во пониските ешалони е стратешка тема за која дополнително ќе се разговара, земајќи ги предвид претстојните локални избори.
Според него, она што е важно е дека Владата е стабилна и „има речиси двотретинска поддршка во рамките на парламентот“. Мицкоски очекува со ВЛЕН да ја продолжат соработката онаму каде што излезе поранешниот министер за здравство кој „за жал ја промени реториката изминатите денови и сега е во прегратките на оние што повеќе од две децении го криминализраа општеството, ја пљачкосуваа, уништуваа, ја срамеа, но тоа е негова одлука“.
Премиерот, исто така, се осврна на состојбата во здравствениот сектор, нагласувајќи дека здравството е негов личен фокус и врвен приоритет, и покрај огромното и напластено наследство на проблеми.
„Знам дека кога разговарам со луѓето во јавното здравство, знам со какви проблеми се соочуваме. Но, бидејќи го има мојот личен фокус, ќе направиме многу работи за јавното здравство. Но, исто така треба да сме свесни дека проблемите се огромни, напластени, нехумани работи се случувале“,
рече Мицкоски додавајќи дека верува во луѓето и начинот на кој се менаџира јавното здравство, но е свесен дека многу работи треба да се коригираат.
Во однос на средбата меѓу Арбен Таравари и албанскиот премиер Еди Рама, Мицкоски потврди дека знаеле за средбата и претпоставува дека теми на разговор биле случувањата во регионот и поблиската соработка меѓу двете земји.