Најавите од Здравство доаѓаат откако кардиологот Сашко Кедев во гостување во емисијата „Стадион“, пренесувајќи го своето искуство, но и на негови колеги, рече дека најголемиот дел од неговата консултативна активност ја поминува во одвраќање на луѓе од непотребни интервенции

Министерството за здравство соопшти дека ќе има итна проверка на тврдењата што се споделени во јавноста за можни непотребни медицински интервенции. Со цел да се добие целосна слика, од Здравство велат дека ќе се спроведат итни и вонредни надзори.
Министерот за здравство Азир Алиу најави дека комплетната дигитализација на здравствениот сектор ќе вклучува и двонасочна размена на информации меѓу јавните и приватните здравствени установи преку системот „Мој термин“.
Според Министерството, ова ќе овозможи јасна слика за евентуалните злоупотреби на системот и финансиските средства.
Од Министерството нагласуваат дека одлуките за лекување се темелат на клинички индикации, но исто така пациентите имаат право на второ стручно мислење. Тие ги охрабруваат пациентите да поставуваат прашања, да бараат појаснувања и да побараат второ мислење ако имаат дилеми бидејќи тоа е дел од добрата медицинска практика.
Од Министерството апелираат јавната комуникација за оваа тема да биде одмерена и заснована на проверливи информации, без шпекулации и генерализации кои го поистоветуваат целиот систем со поединечни случаи.
Најавите од Здравство доаѓаат откако кардиологот Сашко Кедев во гостување во емисијата „Стадион“, пренесувајќи го своето искуство, но и на негови колеги, рече дека најголемиот дел од неговата консултативна активност ја поминува во одвраќање на луѓе од непотребни интервенции.
„Најголем дел од мојата консултативна активност е во одвраќање на луѓе од непотребни интервенции, непотребни стентирања, непотребни операции. Ние во моментот се соочуваме со нешто застрашувачко, а тоа се тие непотребни интервенции кои што се профит ориентирани. Имаме пролиферација на приватни болници, на кои што интересот им е профитот. Тоа се лесно докажливи работи, ние имаме докази дека одредени центри треба да се затворат од медицински аспект. Да се случува тоа во Англија или Америка тоа ќе биде под клуч. Оперирале без потреба, сечеле граден кош без потреба, имаме докази за тоа. Тоа е фасцинантно нешто, кое што треба релевантните институции да преземат нешто, пред се Министерството за здравство и фондот, бидејќи тие плаќаат некои од овие интервенции. Зборуваме за многу сериозни етички проблеми, поврзани со профит“,
рече Кедев.