Министерството за здравство ја рзгледува и идејата, лабараторските услуги кои сега ги даваат јавните здравствени установи, да ги даде на приватен партнер. Веќе е распишан тендер за изработка на физибилити студија а понудите се отвараат претстојната недела.
Во тендерската документација се вели дека цел и намера на студијата е:
„Да се изнајдат начини за унапредување на лабараториската дејност во РСМ со воведување и на приватен капитал преку различни модели на Јавно-приватно партнерство, при што пациентот нема да треба да патува далеку од своето место на живеење за да ја добие бараната услуга“,
се вели во дел од тендерската документација.
Во својата структура, физибилити студијата треба да даде одговор на шест прашања, од кое првото е:
„Оправданост за доделување на договор за јавно-приватно партнерство лабараториска дејност на сите нивоа на здравствена заштита (и превентивна и куративна) со можности за групирање на истите, со модалитети за вклучување на постојните ПЗУ во или вон мрежата, а со особен акцент на дистинкција на ургентните од елективните лабараториски иследувања“,
се вели во тендерската документација.
„360 Степени“ упати неколку прашања до министерството за здравство, меѓу кои- дали е можно новиот модел да подразбеере и намалување на кадарот или пак затварање на некои, сега јавни лабаратории?
„Како Министерството за здравство, во стратешка смисла имаме за цел – зголемување, а не намалување на бројот на здравствени работници. Околу прашањето поврзано со евентуално затворање на некоја лабораториска единица, во овој момент, пред да ја добиеме студијата неблагодарно и несоодветно е да коментираме. Самата студија која ќе ја добиеме ќе ни покаже дали и во кој правец треба да се менаџира системот со лаборатории и дали евентуално треба нешто да се реорганизира од постојниот систем, за кој би сакале да потенцираме дека како таков е поставен пред повеќе децении“, информираат од министерството.
одговорија од мининстерството за здравство.
Нарачката на физибилити студија за лабараториски услуги веројатно и не би била значајна вест, ако министерството за здравство веќе не е во потрага по приватни партнери во повеќе дејности. Како што на крајот на мај објасни и министерот Филипче, се размислува стерилизацијата, ин-витро оплодувањето, ПЕТ центарот, брзата помош да се дадат на приватен партнер. Партнерство веќе постои за детската кардиохирургија, со приватната клиника „Жан Митрев“. Според Филипче, идејата е без големи вложувања на државата и без значителна промена на цената, осигурениците да добијат иста услуга.
Но, дали ако голем број на дејности на јавното здравство завршат кај приватен партнер, може и понатаму да се говори за јавно здравство? На прашањата на „360 Степени“ од министерството уверуваат дека не станува збор за никакво „приватизирање“.
Тврдат и дека јавниот партнер секогаш ќе ја има контролата и увидот во работата на приватниот партнер, од секаков аспект – и оперативен и финансиски.
„Најважно за пациентите е дека при добивање на здравствената услуга, исто како и доасега, неа ќе ја добијат преку ФЗОМ, односно, нема да бидат изложени на дополнителни трошоци. Тоа значи дека здравствениот систем, преку оваа симбиоза се стреми пациентите за сопствениот, здравствен денар да добијат максимално точна и брза услуга, на подостапен начин“,
тврдат од здравство.
Но дали тоа значи и дека државата препознава дека актуелниот систем е нефункционален, па бара нови модели?
Ниту една активност на Министерството, па вклучително и оваа, не треба да се толкува како став дека некој систем е „нефункционален“, туку напротив, како став со кој се има за цел – развој и унапредување на здравствените услуги.
велат од здравство.
Но и покрај големите ветувања и очекувања, дел од најавените јавно-приватни партнерства заглавија уште на физибилити студија. На пример, договорот за изработка на студијата за Брзата помош беше потпишан на 1 февруари а избраната фирма БАСМЕ-КТ, требаше да ја предаде студијата за 60 дена, односно до крајот на март. На нашите прашања на почетокот на јули- што покажала студијата, од министерството за здравство велат:
„За изработката на предметната физибилити студија произлезе дека е потребно повеќе време од предвиденото во тендерската документација за собирање и анализирање на податоците и поради тоа е потпишан анекс на договорот во однос на рокот, со цел да се добијат точни податоци за фактичката состојба.“
Кога точно ќе биде готова студијата за оправданоста од влез на приватен партнер во Брзата помош, од здравство не одговорија. Но, предвидено е по неа, да има широка дебата пред да се преземат било какви чекори.
Сетоа тоа создава и своевиден вакум простор за службата. Ако државата сега почне да купува нови возила, ќе се појави сомнеж дека му се олеснува на идниот „приватен партнер“. Ако не се вложува, ќе се страдаат граѓаните.

Како што неодамна објави Центарот за граѓански комуникации, просечната старост на амбулантните возила во земјава е 11 години, односно тие се просечно произведени во 2008 година. Но, има големи разлики од место до место. На пример, возилото во Отешево е старо 31 година, а неколку други здравствени центри мораат да се снаоѓаат со возила постари од две децении.