Медицинскиот кадар од јавното и приватното здравство се мобилизира со цел да се амортизира напливот на пациенти заболени од ковид-19, информира министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција.
Тој рече дека од вчера на Инфективната клиника во Скопје и Градската општа болница „8 Септември“ се ангажирани дополнителни 54 доктори и медицински сестри како помош на персоналот кој речиси четири месеци се бори со пандемијата.
Филипче рече дека веќе е направен план за ротации на медицинскиот кадар низ земјава и дека доколку е неопходно на помош ќе бидат ангажирани и здравствени работници од приватните болници, а по потреба и тие клиники ќе лекуваат пациенти со ковид-19.
„Во моментов капацитетите на клиниките се различно пополнети. Пополнетоста е далеку од максимумот, повеќето клиники и инфективни одделенија и покрај тоа имаат потреба од засилување. Во однос на реорганизацијата разговарав со приватните клиники кои го понудија и својот персонал како поддршка и ќе направиме распоред и по потреба и тој кадар ќе биде на помош во јавно здравствените установи. Доколку се преполнат нашите капацитети, ќе се користат и болничките кревети во приватните болници. Дел од приватните болници имаат патеки и делови за изолација во коишто може да се третираат овие пациенти за таа услуга за којашто биле примени, со цел да се ослободи притисокот од болницата ‘8 Септември’“,
рече Филипче.
Засега најголем наплив на пациенти има на Инфективната клиника и Градската општа болница „8 Септември“ во Скопје.
Од вчера на Инфективната клиника се користи и дополнителниот капацитет на монтажната болница. Филипче вели таму на располагање има 72 кревети, а во моментов се сместени тројца пациенти. Министерот уверува одделението е опремено и со апарати за кислородна поддршка и со лекарски тим.
Во болницата „8 Септември“, пак, има уште близу 250 слободни кревети, но проблем е персоналот, за кој Филипче смета дека со дополнителна помош ќе може да го амортизира напливот на пациенти.
Болницата во Битола, според министерот, е во добра кондиција. Тој тврди дека таму не недостасува кадар и има уште 20 слободни кревети, а доколку има потреба и тој капацитет може да се зголеми.
Ковид-одделение има спремно и во болницата во Кавадарци во која засега нема сместено пациенти со коронавирус, а на располагање има 16 кревети.
Во болницата во Тетово засега има 8 пациенти со ковид-19. Филипче вели дека со оглед на големиот број позитивни пациенти во овој регион, направен е план да се обезбедат до 100 кревети.
Речиси исполнет е и капацитетот во Охрид, каде што има уште пет слободни места, а во договор со битолската болница треба да се менаџираат пациентите кои доаѓаат од регионот.
Министерот уверува дека засега здравствениот систем добро се справува со вирусот и дека нема да има недостаток на кадар. Реорганизацијата на здравствените работници и пациентите ќе се прави на дневна основа.
„Целиот менаџмент е максимално мобилизиран и верувам дека ќе одговориме успешно и на овој предизвик. Ова е најголемата здравствена криза, никогаш не сме се соочиле со ваква криза. Но, имаме знаење и план за оваа криза да ја надминеме. Го подготвивме системот за ова сценарио и сега го спроведуваме“,
рече Филипче.
Тој побара поддршка од граѓаните за здравствените работници, разбирање и трпение од пациентите чии прегледи се откажани и рече дека очекува оти за брзо време ќе имаат пристап до сите здравствени услуги.