Од канцеларијата велат дека е премногу рано да се зборува за прогнозата и дека лекарите остануваат претпазливи

Здравствената состојба на поглаварот на Римокатоличката црква, кој беше хоспитализиран со билатерална пневмонија на белите дробови, денеска се влоши, се вели во соопштението од канцеларијата за печат на Светата Столица.
Во соопштението се наведува дека здравствената состојба на папата Франциск се влошила по продолжена респираторна криза слична на астма.
„Утринава папата Франциск доживеа респираторна криза слична на астма со продолжен интензитет, која бараше давање кислород со висок проток. Денешните тестови на крвта открија и тромбоцитопенија, поврзана со анемија, што бараше давање крв“,
се вели во соопштението.
Во соопштението се вели и дека папата Франциск и натаму е свесен и денот го минал седејќи на фотелја, иако чувствувал поголема малаксаност во споредба со вчера.
Од канцеларијата велат дека е премногу рано да се зборува за прогнозата и дека лекарите остануваат претпазливи.
Прес-службата на Ватикан претходно објави дека на папата му била дијагностицирана билатерална почетна пневмонија, што дополнително го отежнува неговото лекување.
Папата Франциск повеќе од една недела се бореше со респираторна инфекција, а на 14 февруари беше примен во римската болница „Гемели“.
Папата е особено склон кон инфекции на белите дробови поради развој на плеврит – воспаление околу белите дробови – како возрасен и отстранување на дел од едното белодробно крило на 21-годишна возраст, пишува Би-би-си.
За време на неговите 12 години како водач на Римокатоличката црква, Аргентинецот беше хоспитализиран неколкупати, вклучително и во март 2023 година, кога помина три ноќи во болница поради бронхитис.
