За десет отсто да се зголемат платите на вработените во здравствената администрација и на помошно-техничките лица во јавните здравствени установи, побараа денеска вработените на протестот пред Министерството за здравство. Ако не се исполнат нивните барања, најавија дека ќе побараат од синдикатите овој протест да се претвори во генерален штрајк на административните службеници во здравствените организации.
Лела Јеремиќ од Психијатриската болница во Скопје рече дека се организираат да поднесат тужби доколку биде потпишан анексот на Колективниот договор и ќе поведат иницијатива за оценување на неговата уставност и законитост. Сите правни мерки ќе ги применат ако продолжи, како што ја нарече, дискриминацијата во однос на другите вработени.
„Не се исполнети нашите барања, иако имавме преговори кои мислевме дека ќе се решат позитивно. Во многу чекори се согласивме и ги убедивме и министерствата за информатичко општество и администрација и за здравство дека нашата здравствена администрација е посебна во задачите што ги извршува, но се изненадивме со последната изјава на министерот за здравство дека таа нема да биде вклучена во зголемувањето на платите и со потпишувањето на анексот на договорот нема да биде внесена во Колективниот договор“, рече Јеремиќ.
Нивните црвени линии од кои нема да отстапат се десет отсто зголемување на платите бидејќи платите на здравствениот персонал неколкупати се зголемени, додека на соработниците и на помошно-техничкиот персонал само еднаш.
Само со десет отсто зголемување на платата, тие би ја оствариле исплатата по систем на образование, а во спротивно вработените со средна стручна спрема, сестри и друг персонал ќе земаат повеќе плата од правници, економисти вработени во здравствената установа.
Александар Трајчевски од Детска хирургија и член на Координативно тело на здравствена администрација и помошно-технички лица на јавните здравствени установи се спротивстави на ставот на министерот за здравство Венко Филипче, кој покачувањето на платите го поврза со одвојувањето на здравствената администрација од другата администрација, што не е возможно. Трјчевски рече дека тоа одвојување не е круцијално за платата, која тие ја земаат според Колективниот договор и побара од Филипче „дела, а не само зборови“.
И за претседателот на Самостојниот синдикат на Клинички центар, Горан Беговиќ, рече дека не е коректно да се зголемуваат плати само на едни профили, дека се на удар и лошо е кога за едни има зголемување на платите, а за други нема. Но, укажа на друг проблем што стои пред синдикатот.
„Советот на Синдикатот донесе одлука да се потпише Колективниот договор. Имаме преговори со Министерството кои не сме ги завршиле. Ако не го потпишеме до 2 јануари, Колективниот договор кој ќе ни гарантира дека луѓето утре ќе добијат зголемување на платите, ќе има ситуација сите да бидат незадоволни. Има објективна ситуација – кој гарантира дека техничката влада сигурно ќе го потпише тој колективен договор? Велат дека до 12 февруари ќе има некој мораториум, дали е тоа сигурно, што ако не го потпишеме. Опцијата да не потпишеме е многу деликатна. Како претседател не смеам тоа да го направам затоа што имам одлука на Совет која ме обврзува“, рече Беговиќ.
Филипче: Двапати им беа зголемени платите
„Здравствената администрацијата доби зголемување на платите во два наврати досега, еднаш лани, кога се зголемија сите плати во здравство и еднаш годинава со зголемување на платите на администрацијата“, изјави денеска за МИА министерот за здравство Венко Филипче, одговарајќи на барањата од денешниот протест.
Во врска со можноста за одвојување на администрацијата од другите сектори, рече дека се водат преговори со Министерството за информатичко општество и администрација, од кое зависи ваквата одлука.